ФОТО+ВИДЕО | Никогаш позгодни: Шакира и Карол Џи со нова песна против неверните партнери

Шакира Керол Џи
Шакира и Карол Џи / Фото: Инстаграм/Шакира

Колумбиските пејачки Шакира и Карол Џи ги споија силите и ја претставија нивната долгоочекувана музичка соработка – песната „TQG“.

Како што пишува музичкото списание „Ролинг стоун“, песната е „химна на раскинувањето, што им крева среден прст на неверните дечковци“. „TQG“ ќе биде дел од новиот студиски албум на Карол Џи, „Mañana Será Bonito“, кој ќе биде промовиран денес.

Во песната, двете пејачки разменуваат стихови за мажи кои им згрешиле во минатото. Имено, тие алудираат на нивните поранешни љубовни врски од вистинскиот живот. Карол Џи, која раскина со раперот Ануел АА во 2021 година, зборува за партнер кој ѝ помогнал да се издигне. Од друга страна, Шакира зборува за некој што се оддалечил од неа, нешто што алудира на нејзина разделба со долгогодишниот партнер Жерар Пике.

Во изјава за „Ролинг стоун“, Карол Џи вели дека песната ја напишала минатата година, кога била во тежок емотивен период.

„Кога почнав да ја пишувам, песната имаше лично значење за мене, кое еволуираше со текот на времето и веќе не ги претставува актуелните нешта. Тоа беше конкретен момент во мојот живот“, изјави колумбиската ѕвезда.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KAROL G (@karolg)


Карол Џи вели дека долго време сакала да соработува со Шакира, но дека на почетокот не размислувала за идејата да ја вклучи во песната „TQG“. Подоцна ја слушнала песната „Monotonia“, која Шакира ја сними со Озуна, и сфатила дека приказната на Шакира совршено се вклопува со нејзината.

Пејачките го снимиле видеозаписот во Барселона, а за потребите на снимањето изнајмиле цел објект со доволен простор за шест различни сета. Сепак, колку и да се обидувале да го сочуваат снимањето подалеку од очите на јавноста, тоа било речиси невозможно поради големата популарност на Шакира и Карол Џи.

„Колку и да се трудевме, беше невозможно да го задржиме снимањето во тајност“, изјавила Карол Џи, на која ѝ е драго што, сепак, никој не успел да го дознае суштинскиот концепт на видеозаписот пред неговата премиера.

Песната „TQG“ доаѓа по големиот хит на Шакира – „Bzrp Music Sessions, Vol. 53“, кој го сруши рекордот на Спотифај за најслушана латино песна за еден ден. Оваа песна, која е посветена на Пике, моментално има нешто повеќе од 350 милиони прегледи на Јутјуб.

Повеќе вести за Шакира:

Зошто одмазничките песни на Шакира и Мајли Сајрус кренаа толку голема прашина?

„Замени Ферари за Твинго, замени Ролекс за Касио“: Шакира руши рекорди со песната за Пике

Шакира е скршена: Љубовницата на Пике им спиела во семејниот дом уште во 2021 година

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот