ФОТО+ВИДЕО | „Џоди Фостер поради мене стана лезбијка“: Атентаторот на поранешниот американски претседател повторно ја шокираше јавноста
Џон Хинкли Помладиот, човекот кој во 1981 година се обиде да изврши атентат врз поранешниот американски претседател Роналд Реган, тврди дека токму тој е причината поради која актерката Џоди Фостер почнала да сака жени. Во изјава за „ТМЗ“, Хинкли рече дека има теорија според која неговиот неуспешен обид за убиство на Реган ѝ нанел толкава траума на Џоди Фостер, што таа се оддалечила од мажите и се свртела кон жените.
Препорачано
Тој додаде дека цврсто верува оти нејзината траума била дополнително продлабочена и од фактот што тој јавно ја вклучил во својата опсесија и во самиот обид за атентат.
Според него, Џоди во почетокот на 80-тите излегувала со мажи, а дека сака жени признала дури неколку години по настанот со Реган.
Џоди Фостер првпат јавно зборуваше за својата сексуална ориентација во 2013 година, за време на доделувањето на Златните глобуси.
Ronald Reagan Attempted Assassin John Hinckley Jr. Believes He Turned Jodie Foster Lesbian https://t.co/SkMRUBr53x pic.twitter.com/11PiFezB8n
— TMZ (@TMZ) January 15, 2026
Хинкли изјави дека ова е првпат јавно да ја сподели оваа теорија, додека ги промовира своите нови мемоари со наслов „John Hinckley Jr.: Who I Really Am“.
Меѓу другото, тој откри дека бил опседнат со Џоди уште од 1976 година, кога ја видел во филмот „Таксист“. Додека таа студирала на „Универзитетот Јејл“, отишол во студентската администрација и успеал да го добие бројот на нејзината соба и телефон во студентскиот дом, по што, како што вели, ја „повикувал и ѝ оставал песни под вратата“.
Сепак, никогаш не ја поканил на состанок бидејќи таа не покажувала интерес, а тој, „заробен во сопствената депресија, заблуди и опсесија“, верувал дека може да ја импресионира ако го убие претседателот.
„Себеси се гледав како Тревис Бикл од филмот „Таксист“ ликот кој сака да пука во претседателски кандидат откако е одбиен од жената што ја сака“, изјави Хинкли.
Во филмот, Тревис на крајот не го убива кандидатот, туку станува локален херој откако убива тројца мажи кои сексуално ја искористуваат малолетната Ајрис (ликот што го игра Џоди Фостер).
Хинкли тврди дека се обидел да го повтори тоа сценарио во реалниот живот, убеден дека ако го застрела Реган, ќе ја придобие Џоди. Во март 1981 година, со автобус отпатувал од Лос Анџелес до Вашингтон со намера да го убие тогашниот американски претседател.
Наводно продал два пиштоли калибар 38 за да ги плати автобускиот билет и сместувањето во Вашингтон. Отишол во хотелот „Хилтон“, каде што Реган држел говор, вооружен со револвер калибар 22.
„Испукал шест куршуми за 1,7 секунди“
Хинкли се присети дека бил во толпата пред хотелот кога Реган и неговата придружба пристигнале. Во еден момент помислил дека претседателот го поздравил, па и тој возвратил со мавтање.
Кога Реган заминувал по говорот и поминал покрај него, Хинкли го подигнал револверот и испукал шест куршуми за 1,7 секунди, од оддалеченост од пет до шест метри.
Тој го ранил Реган, полицаецот Томас Делаханти, агентот на Тајната служба Тим Мекарти и портпаролот на Белата куќа, Џејмс Брејди.
Сите светски медиуми тогаш пренесоа дека станува збор за еден од најбрзите и најопасни напади врз американски претседател.
Хинкли призна дека во тие моменти мислел дека Тајната служба ќе го убие, но толпата се разбранувала, луѓето скокнале врз него и го претепале, сè додека полицијата не го уапсила и одвела во затвор.
Подоцна бил прогласен за невин поради тоа што имал психички проблеми и поминал повеќе од 30 години во психијатриска установа.
„Тоа беше исправна одлука, поротата постапи правилно“, рече Хинкли.
Тој додаде дека со години зема антидепресиви. „ТМЗ“ се обидел да добие коментар од ПР-тимот на Џоди Фостер, но засега без успех.


