ФОТО+ВИДЕО | Девојката што ја преживеа вулканската ерупција првпат го покажа лицето со лузни

Стефани Бривот/Фото: Инстаграм

Стефани Бровит (26), која ја преживеа вулканската ерупција на Белиот остров во Нов Зеланд, го извади компресивниот завој од лицето првпат откако пред две и пол години се здоби со изгореници на 70 отсто од телото.

Стефани била со својата сестра Кристал (21) и таткото Пол на крстарење на бродот „Кралските Кариби“ на 9 декември 2019 година, кога тргнале на еднодневно патување до вулканот покрај брегот на Вакатане. Мајката на Стефани, Мари, решила да остане на бродот додека ќерките и сопругот отишле да истражуваат. Во моментот кога го напуштале кратерот, виделе црн чад како избива од неговиот центар.


„Само неколку секунди подоцна, го слушнавме туристичкиот водич како вика ‘бегај’. Доаѓаше одзади и стануваше сè погласно како што се приближуваше. Можеше да се слушне како камењата удираат во земјата и како луѓето врескаат. Не мислев дека ќе преживеам. Мислев дека ќе умрам“, се сеќава Стефани, пишува „Дејли мејл“.

Нејзината сестра и татко смртно страдале заедно со уште 20 туристи, додека Стефани поминала две недели во кома борејќи се за живот со изгореници од трет степен на поголемиот дел од телото.

Со часови била заробена на островот пред таа и нејзиниот татко да бидат спасени и на крајот префрлени во болница во Австралија. Безживотното тело на нејзината сестра било пронајдено неколку дена подоцна, а нивниот татко починал од повредите еден месец по ерупцијата.

Кошмари до ден-денес

Стефани во неделата сподели досега невидени фотографии од своите ужасни повреди во текот на шесте месеци поминати во болница, подложувајќи се на низа операции кои вклучувале пресадување на кожата и ампутација на прстите.

Појавувајќи се во емисијата „60 минути“, Стефани рекла дека сега гледа личност која поминала низ многу повеќе отколку што очекувала во својот живот.

„Посилна сум отколку што некогаш мислев дека ќе бидам. Секој ден се борев да преживеам, само за да се вратам на себе. Не знаев дека го носам ова во мене“, рекла таа.

И покрај незамисливата физичка болка што ја претрпела, најболниот дел од нејзиното страдање било, како што вели, учењето да живее без таткото и сестрата.

„Би сакала тој ден да ме напушти, ми предизвика многу непроспиени ноќи, кошмари. Дури и сега сè уште многу боли. Само се надевам дека сестра ми и татко ми можат да ме видат сега“.

Стефани го должи своето закрепнување на својата мајка Мари.

Ја тужи компанијата за крстосување

„Додека моите лузни се видливи, таа има свои што не се гледаат, но секогаш се трудеше да ме стави на прво место“, рекла Стефани.

Стефани и Мари сега се во процес на тужба против „Кралските Кариби“ заради физичките и психичките повреди што ги добиле.

Нивниот адвокат Питер Гордан рекол дека со недели било јасно, врз основа на извештаите за сеизмичка активност достапни на компанијата за крстосување, дека вулканот е „темпирана бомба“.

Невидена трагедија

Ерупцијата, во која загинаа 22 лица, а 25 беа сериозно повредени, стана најсмртоносната вулканска катастрофа во Нов Зеланд од ерупцијата на Таравер во 1886 година.

Еднодневните излети до Белиот остров некогаш носеле повеќе од 4 милиони долари годишно, но живописниот остров кој го покриваат слоеви пепел сега е напуштен.

По трагедијата, Стефани го споделила своето мачно опоравување со своите 1,5 милиони следбеници на ТикТок и 102.000 следбеници на Инстаграм.

И покрај тоа, таа се плашела да ја симне маската поради страв од реакциите на јавноста. Меѓутоа, пораките од следбениците ѝ помогнале да ги надмине сопствените грижи.

„Ако можам да направам промена во животот на барем една личност, тоа многу ми значи“, заклучила Стефани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот