ФОТО+ВИДЕО | Ана Стојановска модно издоминира на Берлинале, се појави во смела креација на снег
Македонската актерка Ана Стојановска се појави на црвениот тепих на 76. издание на Берлинале, во рамките на светската премиера на македонскиот филм „17“, кој се натпреварува во официјалната компетитивна програма „Перспективи“, за наградата за најдобар дебитантски филм.
Препорачано
Стојановска, која е дел од актерската екипа на филмот, привлече внимание со внимателно осмислен моден избор, прилагоден на драматичната атмосфера на снежниот Берлин. Таа се појави во смела креација од македонскиот дизајнер Игор Марков – боди-комбинација надополнета со стилизирано црвено палто и високи чизми над колена.



И покрај ниските температури и снегот во германската престолнина, актерката зрачеше со самодоверба. На социјалните мрежи таа сподели фотографии и видео од самата прошетка по тепихот, подготовките пред премиерата, како и моменти од станот каде што е сместена со дел од филмската екипа и од забавата по проекцијата.
„Хипотермијата се плаши од неа“, се пошегува блиска пријателка на актерката во објава на Инстаграм, алудирајќи на фактот дека модниот избор беше храбар со оглед на временските услови.
Појавувањето на Стојановска доаѓа во особено значаен момент за македонската кинематографија. Филмот „17“, долгометражно деби на режисерката Косара Митиќ, ја имаше својата светска премиера во Берлин и претставува прв македонски дебитантски игран филм по 26 години што се натпреварува во официјална конкуренција на еден од трите најголеми европски фестивали – Берлин, Кан и Венеција.


