ФОТО+ВИДЕО | Рекордна цена: Гитарата на Марк Нопфлер продадена за повеќе од 800.000 евра

Фото: EPA-EFE/NEIL HALL

Гитарите на Марк Нопфлер, фронтменот на британската група „Дајр стреитс“ (Dire Straits), вчера на аукцијата на „Кристи“ достигнаа цена од стотици илјади фунти. Главниот хит на продажбата, оригиналниот Gibson Les Paul Standard од 1959 година постигна цена од 693.000 фунти со вклучени такси (812.841 евра).

„Кристи“ објави дека ова е рекорд на аукција за овој модел. Нопфлер свирел со гитарата на турнејата „Sailing To Philadelphia“ во 2001 година и на турнејата „Kill To Get Crimson“ во 2008 година.

Фото: WIktor Szymanowicz/NurPhoto/Shut / Shutterstock Editorial / Profimedia

Познатиот музичар, кој сега има 74 години, го купил инструментот од Боби Тенч од групата „Џеф Бек“. На задната страна на гитарата, на местото каде што инструментот се триел со појасот на сопственикот за време на свирките, недостига малку лак. Таа гитара се проценувала на 300.000 до 500.000 фунти (помеѓу 400.000 и 570.000 евра).

Друг инструмент, гитарата на која ги свирел хитовите „Money for Nothing“ и „Brothers in Arms“, била продадена за 592.200 фунти (694.300 евра). Истиот инструмент, купен во 1983 година во Њујорк, Марк Нопфлер го свирел на концертот Live Aid во 1985 година. Проценката на „Кристи“ била од 10.000 до 15.000 фунти.

Фото: BACKGRID / Backgrid UK / Profimedia

Црвено-бела гитара Schecter (Walk of Life) била продадена за 415.800 фунти (487.500 евра), што е рекорд за Schecter, во продажба што започна со два часа доцнење поради „исклучителниот интерес“ на купувачите.

Но, сепак не биле престигнати рекордите на гитарите на Курт Кобејн (4,7 и 6 милиони долари) на аукциите одржани во 2022 и 2020, велат од „Кристи“.

Вкупно 121 предмет – гитари и засилувачи – биле продадени на аукцијата, а најмалку една четвртина од приходите биле наменети за хуманитарни цели. Дел е наменет за британскиот Црвен крст.

ВИДЕО | Колекцијата гитари на фронтменот на „Дајр стреитс“, Марк Нопфлер на аукција: Една чини и до 500.000 евра

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот