ФОТО + ВИДЕО | Морничави сцени од најозлогласениот затвор во светот — лице в лице со најопасните криминалци и масовни убици
Британскиот водител Ричард Медли добил ретка можност да влезе во еден од најозлогласените затвори во светот — Цекот во Ел Салвадор, каде што илјадници затвореници живеат во екстремно строги услови. Станува збор за огромен затворски комплекс наменет за припадници на банди и најопасни криминалци, кој многумина го нарекуваат „пекол на земјата“, пишува „Н1“.
Препорачано
Медли го посетил Центарот за притворање терористи во градот Теколука за потребите на документарецот „Во најголемиот затвор на светот“, кој ќе се емитува на Канал 5.
„Ништо не може да ве подготви за глетката на 3.000 избричени мажи зад решетки од под до таван. Нема приватност, само метални кревети наредени на четири нивоа и илјадници погледи вперени кон вас“, изјавил Медли.
Затворениците носат само боксерки, светлата никогаш не се гасат, а во ќелиите минуваат 23 и пол часа дневно. Нема посети, книги, телевизија, образование ниту програми за рехабилитација. Единствено имаат кратка физичка активност под строг надзор.

Водителот признал дека бил шокиран од условите, но и од снимките што му биле прикажани, на кои членови на банди извршуваат брутални убиства со мачети.
Тој разговарал и со чуварите, а открил дека односот со властите на почетокот бил напнат поради прашањата за човековите права. Сепак, по разговорите со локалното население, Медли вели дека разбрал зошто голем дел од граѓаните ја поддржуваат ваквата политика.

„Меѓу затворениците има садистички убијци и силувачи. Луѓето во Ел Салвадор конечно се чувствуваат побезбедно“, рекол тој.
Според него, околу 80 проценти од бандите кои порано ја контролирале државата денес се во затвор или избегале од земјата.
Цекот е изграден на површина од 57 хектари и има капацитет за 40.000 затвореници. Во моментов таму се наоѓаат околу 15.000 луѓе, главно членови на банди, убијци и силувачи.
Ел Салвадор до неодамна имаше една од највисоките стапки на убиства во светот. По доаѓањето на претседателот Најиб Букеле на власт во 2019 година, започна масовна акција против криминалните групи, при што беа уапсени десетици илјади осомничени. Властите тврдат дека стапката на убиства оттогаш драстично се намалила.


