ФОТО+ВИДЕО I Во пресрет на новиот карантин: Десетици илјади лица во обид за напуштање на Париз, испразнети полици во маркетите

Десетици илјади жители на Париз предизвикаа масовна гужва во сообраќајот во обид да го напуштат францускиот главен град во пресрет на новиот карантин што го најави и воведе претседателот Емануел Макрон.

Видео што е објавено на Твитер покажува голем број на парижани како се обидуваат да излезат од главниот град со намера да избегнат „полициски час“ и почеток на спроведување на другите мерки што стапија на сила од полноќ. На снимките може да се видат гужви и застој во сообраќајот, а како што пишува Еuronews, колоните од автомобилите биле долги дури 700 километри.

Многумина ја искористија приликата и ја минаа ноќта со семејствата и пријателите пред затворањето на сите барови и ресторани, откако Франција влезе во нов карантин.

Париз, Франција / 29 октомври 2020 /Фото: EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Французите, истовремено, ги испразнија полиците во супермаркетите во новото панично купување што последен пат се случи во март оваа година, кога целиот континент на сличен начин се подготвуваше за затворање поради пандемијата на ковид-19.

Залихи на тестенини, тоалетна хартија и неопходни продукти за работа од дома

Луѓето купуваа огромни залихи на тестенини и тоалетна хартија, а долги редици на чекање беа забележани и во фризерските салони. Административците во францускиот главен град ја извлекуваа опремата до своите автомобили и возови како подготовка за новото затворање.

Фото: twitter

Карантинот што го најави Макрон ќе трае најмалку до 1 декември. Излез од домовите ќе биде дозволен само за оние со најнеопходни потреби за што ќе биде потребна посебна дозвола, а контрола ќе врши полицијата.

Строги мерки, надвор само со посебна дозвола

Францускиот министер за здравство вчера предупреди на можноста за зараза на преку еден милион лица додека премиерот Жан Кастекс ја продолжи обврската за носење на заштитна маска и во училиштата за деца од шест годишна возраст и постари. Училиштата остануваат отворени, меѓутоа мерките за возрасните ќе значат обврска за останување дома како што беше случај и пролетоска. Надвор ќе може да се излезе само со пишана дозвола и тоа по потреба за продавница, одење на лекар или на еден час вежбање дневно.

Потврда ќе треба и за оние лица кои ќе сакаат на трчање или на прошетка на нивните миленици, а сè ќе биде ограничено на еден час и нема да смеат да се оддалечуваат од домовите на повеќе од еден километар.

Фото: EPA-EFE/IAN LANGSDON / POOL

На погребите ќе може да присуствуваат најмногу до 30 лица и по шест лица на венчавките. За прекршувања на строгите мерки се предвидени казни и до 135 евра.

Макрон вели дека целта на мерките е спречување на голем број на починати од ковид-19

Претседателот Макрон изјави дека „полицискиот час“ во Париз и останатите големи француски градови не успеал да го запре ширењето на заразата, додавајќи дека би починале 400.000 лица во отсуство на новите мерки.

– Нашата цел е едноставна. Планираме остро намалување на бројот на новозаболени од 40.000 на 5.000 на дневно ниво и да ја намалиме брзината на ширење на вирусот во болниците и на одделенијата за интензивна нега, рече францускиот претседател во телевизиското обраќање до нацијата.

Фото: EPA-EFE/THIBAULT CAMUS / POOL MAXPPP OUT

– Болниците веќе имаат проблеми со преполни кревети во одделенијата за интензивна нега. Без оглед што направиле, на нив ќе бидат речиси 10.000 лица до средината на ноември, додаде Макрон.

Францускиот претседател ги нарече новите мерки дека се „потресни“, но, исто така, истакна дека „не можел да стои и гледа како умираат стотици и илјадници негови сограѓани“. Во Франција во моментот има 21.183 пациенти во болниците со потврден ковид-19. Колку за илустрација, таа бројка во април изнесуваше над 32.000 додека бројот на пациенти на интензивна нега од 111 скокна на 3.156.

Видео I Национален карантин до 1 декември: Франција се затвора за сите држави кои не се членки на ЕУ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот