Видео I Национален карантин до 1 декември: Франција се затвора за сите држави кои не се членки на ЕУ

Фото: EPA-EFE/MARTIN BUREAU / POOL MAXPPP OUT

Според новите мерки за карантин што стапуваат во сила од денеска и ќе траат до 1 декември, границите на Франција ќе бидат затворени за сите земји кои не се членки на Европската Унија (ЕУ).

Францускиот премиер Жан Кастекс, објаснувајќи ги новите мерки, истакна дека граѓаните ќе можат да излезат од своите домови само за купување на храна, заминување на работа или од здравствени и итни семејни причини.

Кастекс изјави дека во текот на траење на новите мерки, вежбање на отворено ќе биде дозволено само еден час дневно. Тој додаде дека дури и децата над шест годишна возраст ќе мораат да носат заштитни маски за време на наставата.

Министерката за труд, Елизабет Борн истакна дека работата од дома ќе биде задолжителна во текот на цела недела, освен кога тоа е технички невозможно.

Секој граѓанин кој ќе излезе од дома ќе мора да има документ со кој го оправдува својот излез, а проверките ќе ги врши полицијата.

Училиштата, за разлика од пролетниот карантин, ќе останат отворени, но универзитетите ќе се затворат.

Кафулињата и рестораните, исто така, ќе бидат затворени, како и продавниците, освен сервисите за поправка на автомобили, супермаркетите, пералните, оптичарските и фармацевтските работилници.

Јавните служби и натаму ќе функционираат, а ќе бидат отворени и верските објекти, но прославите, како што се свадби на пример, се ограничени на мали групи.

Хотелите, исто така, ќе бидат отворени, но нивниот капацитет е ограничен на патувања од професионални причини.

Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа изјави дека во земјата повторно ќе биде воведен карантин на национално ниво во обид да се спречи ширењето на епидемијата на ковид-19 што се заканува да излезе од контрола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот