Исак и Џонатан Андик / Фото: Јутјуб / принтскрин

ФОТО | Шокантен пресврт: Полицијата се сомнева дека основачот на „Манго“ бил убен од неговиот син

Истрагата за смртта на основачот на познатиот моден бренд „Манго“, Исак Андик, доби неочекуван пресврт. Синот на трагично загинатиот Исак, Џонатан, кој го придружуваше на кобното искачување на Монсерат на 14 декември 2024 година, стана главен осомничен за убиство.

Семејството објави соопштение во кое побара почит и дискреција за време на постапката.

Шпанската полиција сега случајот го третира како можен злостор, а како главен осомничен е именуван неговиот син Џонатан, кој бил единствената личност со него во моментот на трагедијата.

Според написите на „El País“, каталонската полиција ја пренасочила истрагата од несреќа во можно убиство, откако биле забележани сериозни контрадикции во изјавите на Џонатан Андик.

Неговите две изјави дадени на полицијата биле „неконзистентни“, а описот на настанот не се совпаѓал со наодите на истражителите на местото на несреќата. Сведоци тврдат дека неговата комуникација за време на испрашувањето „јго зголемиле сомнежот“.

Покрај тоа, професионалната голферка и партнерка на Исак Андик, Естефанија Кнут, во своето сведочење истакнала дека постоел „лош однос меѓу таткото и синот“, што ја натерало полицијата повторно да ги испита околностите на трагедијата.

Од сведок до осомничен

По смртта на Андик во декември минатата година, истрагата првично беше заклучена како несреќен случај и беше привремено затворена. Сепак, на почетокот на март 2025 година повторно беше отворена, при што полицијата испрашала сведоци кои се наоѓале во близина, како и ги анализирала деловните и приватните работи на починатиот претприемач.

Според весникот „La Vanguardia“, истражниот судија кон крајот на септември го сменил статусот на Џонатан од сведок во главен осомничен. Оттогаш, истражителите детално го анализираат содржината на неговиот мобилен телефон, обидувајќи се да ја реконструираат секоја негова активност на денот на несреќата. Случајот се води под строга судска тајна, а каталонската полиција сè уште не е достапна за коментар.

Да потсетиме, Исак Андик, кој го основал „Манго“ во Барселона во 1984 година, почина на 14 декември 2024 година додека планинарел во планинскиот венец Монсерат, недалеку од Барселона. Во тоа време, 71-годишниот претприемач се лизнал и паднал во бездна длабока околу 150 метри додека планинарел заедно со својот син Џонатан. Според верзијата на синот, таткото одел неколку чекори зад него кога се случил одрон на карпи, по што следел трагичниот пад.

Во официјалното соопштение објавено овие денови, семејството изјави дека останува воздржано и верува во праведна разрешница:

„Семејството Андик нема дадено, ниту ќе дава какви било коментари за смртта на Исак Андик во текот на изминатите месеци. Сепак, сака да изрази почит за спроведените истражни дејствија и ќе продолжи да соработува со надлежните органи како и досега. Покрај тоа, верува дека процесот наскоро ќе заврши и дека ќе се докаже невиноста на Џонатан.“

Еден од најбогатите Шпанци

Исак Андик е роден во Истанбул и се преселил во Шпанија како дете. Во 1984 година ја отворил првата продавница „Манго“ во Барселона, која бргу прераснала во модна империја. Денес, „Манго“ работи во повеќе од 120 земји, има над 2.800 продавници и над 16.000 работници ширум светот. Според „Форбс“, богатството на Андик и неговото семејство се проценува на околу 4,5 милијарди американски долари.

Неговата смрт во декември минатата година ја шокираше шпанската јавност и светот на модата, а најновите настани во истрагата само ја продлабочија мистеријата околу трагичниот настан во кој загина еден од најуспешните модни претприемачи во Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот