ФОТО | По 20 години, штркови повторно се гнездат во центарот на Чернобил
Белите штркови се вратија во Чернобил и почнаа да се гнездат за првпат во последните 20 години, објави денеска на својот фејсбук-профил чернобилската Агенција за радијација и еколошка биосфера (АРЕБ).
Препорачано
— Денес, во центарот на Чернобил, шест бели штркови градат гнезда на покривот на административната зграда во близина на градскиот споменик. Ова е вистинска сензација за Чернобил, бидејќи последното гнездење на белите штркови во нашиот град беше забележано пред 20 години — се наведува во објавата на АРЕБ, пренесува Укринформ.

Биолозите од Агенцијата за радијација и еколошка биосфера во Чернобил укажаа дека појавата на шест птици во централниот дел на градот може да укажува на нови промени во локалната популација, кои отвораат „интересни перспективи за понатамошни набљудувања“.

Во последните години е забележано дека животот буи во многу делови од чернобилската забранета зона, затворена по најголемата нуклеарна катастрофа во историјата.
Чернобилската катастрофа се случи на 26 април 1986 година во чернобилската нуклеарна централа, во близина на градот Припјат.


