Фото: Andriy Popov / Panthermedia / Profimedia

ФОТО | Нова студија: Срцето сепак може да се обнови по инфаркт

И покрај неговата важна улога, срцето е едно од ретките ткива во човечкото тело што не може добро да ја поправи штетата. Барем така се сметаше долго време. Научници од Австралија сега забележале дека мускулните клетки на срцето кај луѓето навистина се обновуваат по срцев удар, пишува „Саенс алерт“ (Science Alert).

Кога нешто го попречува протокот на крв, недостигот на кислород ги убива клетките на срцето. Органот може да се „закрпи“ со ткиво со лузни, но тоа нееластично, влакнесто ткиво не чука и го прави срцето помалку ефикасно. Овие неправилности со текот на времето можат да доведат до нови срцеви удари и срцева слабост.

Розовите делови укажуваат на репликација на човечки срцеви клетки/Фото: Принтскрин/Икс?Dr Robert Hume/ University of Sidney

Се чини дека глувците имаат повеќе среќа. Нивните срца можат барем делумно да се обновуваат. Кај нив било забележано дека кардиомиоцитите (мускулните клетки на срцето) повторно се делат по срцев удар, но човечките срцеви клетки не се ни приближно толку „живи“ по повреда.

– Нашето истражување покажува дека иако срцето останува со лузни по срцев удар, тоа создава нови мускулни клетки, што отвора нови можности – вели Роберт Хјум, прв автор на истражувањето и кардиолог на Универзитетот во Сиднеј.

– Иако ова ново откритие за повторниот раст на мускулните клетки е возбудливо, тоа не е доволно за да се спречат тешките последици од срцев удар. Затоа, со текот на времето, се надеваме дека ќе развиеме терапии кои ќе ја засилат природната способност на срцето да создава нови клетки и да се обновува по удар – додава тој.

Претходни истражувања, кои ги следеле пациентите по операции на срцето, навестувале дека мускулните клетки на срцето имаат потенцијал да се обновуваат по повреда.

Во ова ново истражување Хјум и неговите колеги испитувале цело срце од донор чиј мозок бил прогласен за мртов, како и примероци земени од пациенти за време на бајпас-операции.

Тимот ја секвенционирал РНК и детално ги проучувал протеините и метаболизмот на ткивото.

Научниците се надеваат дека овие наоди би можеле да доведат до нови регенеративни терапии, кои еден ден би можеле да ни овозможат да се справиме со водечката причина за смртност во светот.

Студијата е објавена во магазинот „Истражување на циркулацијата“ (Circulation Research).

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот