ФОТО | Нова мини-депонија, овој пат покрај детско игралиште во Синѓелиќ
На влезот на детско игралиште на улицата „Сава Михајлов“ во населбата Синѓелиќ, изминатата недела несовесни граѓани започнале да депонираат секаков вид отпад покрај контејнер наменет за стакло, што резултирало со создавања на уште една нова мини-депонија во Скопје.
Препорачано

Според фотографиите кои ги добивме од жители на населбата, може да се забележи дека иако на оваа локација е поставен само контејнер за стакло, дел од граѓаните овде почнале да оставаат тековен отпад, искршени пластики, картонски кутии и останато ѓубре, а „најдосетливиот“ на оваа локација го депонирал и монтажниот базен, кој очигледно веќе не му вршел работа.

Според фотографиите, повеќе од очигледно е дека отпадот целосно го узурпира зеленилото и го блокира тротоарот, а граѓаните велат дека со се пореткото доаѓање на камионите на ЈП „Комунална хигиена“, дел од луѓето започнале да го депонираат кесите со отпад на „диво“, кои од ден на ден се таложат и скапуваат поради високите температури.

Жителите апелираат до Општина Гази Баба и комуналните служби на Град Скопје што побрзо да ја отстранат оваа дива депонија и да постават контејнери во близина на оваа локација за соодветно депонирање на отпадот.


