ФОТО| Низ солзи, мајката на детето со аутизам врзувано во психијатриската болница Демир Хисар: Не можев да го препознаам!

Мајката на 17-годишно момче со аутизам, Салка Абдуловска за „Слободен печат“ вели дека нејзиниот син бил врзуван во психијатриската болница Демир Хисар. Од врзувањето детето по телото имало видливи рани. Момчето 5 недели било хоспитализирано во психијатриската болница Демир Хисар, а таму било за опсервација, за да се адаптира на терапијата.

-Го држеле врзан, со синџири. Кога го земавме дома низ целото тело имаше рани. Ние го однесовме за опсервација, да му се погоди терапијата. Не го однесовме да го малтретираат детето. И не знаеме што се случува таму. Хоспитализиран беше 5 недели. Ни велеа да го извадиме надвор, но ние знаевме дека треба да се смири и тогаш да го земеме дома. Ѕвоневме, прашувавме и се консултиравме со докторите. Тие самите ни рекоа дека поради личната безбедност на син ми мораат да го држат врзан. Како велам, врзан?, раскажува Абдуловска, мајка на момчето на кого му е констатирано дека е хиперактивно и во аутистичниот спектар.

-После понатаму ни велеа дека има аутистичен спектар. Посетуваше специјално училиште за деца со посебни потреби. После заврши 9-то одделение и го запишавме во средно училиште во Скопје. Има 17 години. Имам слики. Раните му се најмногу на нозете. Да е животно немаше тоа да му го направат на дете. Жално. И каде ние сега? Бараме спас да го смират. Како ќе живееме ние сега? Утре пак може да биде немирен. Што ќе правиме? Пред да замине во болница, дома, кршеше. Затоа побаравме помош во болница. Надвор кога излегуваме луѓето бегаат од него. Тој може сака да ги гушне, да ги погали или сака љубов, а тие бегаат од него. И каде ние, што да правиме? Надвор – не, дома – не. Облека му однесовме во болница, не му ја дале. Со туѓа облека ми го извадија синот. Срамота. Каде живееме? Во кој век живееме? Не можам да си го препознаам сопственото дете, луѓе, што доживеав? Не можам да стојам на нозе. Како смееа така да му прават на дете? Не е психопат, со солзи и вознемиреност, рече Абдуловска.

„Слободен печат“ се обрати во психијатриската болница Демир Хисар за објаснување на случајот.

„Пациентот е лекуван во нашата установа во текот на изминатиот месец. Станува збор за лице со нарушување од аутистичен спектар во изразито влошена состојба. Претходно бил одбиен за третман од повеќе установи. Актуелниот прием е реализиран на упорно инсистирање на родителите иако притоа беа запознаени со условите во установата и дека не станува збор за соодветна институција за негов третман. Лекувањето е согласно медицина базиранан а докази и во текот на третманот се бележеа одредени ситуации за кои е неопходно физичко ограничување. Истите се изведуваа согласно протоколите. Тоа се ситуации кои се поврзани со ризично однесување во смисла на автодеструктивност или агресивност кон другите. Родителите во текот на целиот третман беа навремено и редовно известувани за неговата состојба“, вели директорката на психијатриската болница Демир Хисар, Ивана Кочовска.

На социјалните мрежи се шири фотографија од врзано момче но мајката тврди дека таа фотографија не е од нејзиниот син. Мајката ги испрати фотографиите до „Слободен печат“ со дозвола за нивно објавување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот