ФОТО | Научниците ја претставија најголемата мапа на центарот на нашата галаксија и открија непозната структура во универзумот
Со помош на телескопскиот систем „АЛМА“, научниците создадоа досега најдетална мапа на хаотичните гасни облаци во центарот на Млечниот Пат. Овие набљудувања би можеле да отворат прозорец кон древниот универзум, каков што бил кратко по Големата експлозија.
Препорачано
Сликата објавена од научниците ја прикажува таканаречената Централна молекуларна зона на Млечниот Пат, која ја опкружува супермасивната црна дупка „Стрелец А*“ и веројатно има слични карактеристики на густите и хаотични галаксии од раниот универзум. Патем, тоа е најголемата слика што телескопот „АЛМА“ во Чиле некогаш ја снимил, пишува „Лајв саенс“ (Live science).

Новите набљудувања вклучуваат структури што се протегаат на 650 светлосни години околу централната црна дупка на Млечниот Пат, длабоко во соѕвездието „Стрелец“. Регионот е познат како Централна молекуларна зона поради бројните облаци од густ молекуларен гас и се смета дека верно ги одразува условите што преовладувале во најраните галаксии во универзумот.
Целата слика покрива површина од небото приближно широка колку три полни месечини – најголемата слика произведена од „АЛМА“ откако започна со работа во 2013 година. Овој ултра-детален поглед вклучува сè, од џиновски облаци од суперсоничен гас до поединечни ѕвезди што се тркаат околу галактичкиот центар и веќе открива некои „ретки и енигматични“ структури што не можат да се објаснат.

Прелиминарните резултати, исто така, укажуваат на необични откритија. Една од аномалиите е структура наречена „Милиметарски ултра-широк линиски објект“ или „МУБЛО“ Овој компактен објект е видлив само на милиметарски бранови должини на светлината и е невидлив за рендгенски, инфрацрвени и радио телескопи.
Исполнет со брзодвижен гас, „МУБЛО“ покажува некои карактеристики слични на активните млади ѕвезди што се очекуваат во галактичкиот центар, но досега неговите карактеристики не се совпаѓаат со ниедна друга позната структура во универзумот.
Подетална студија за аномалиите како што е „МУБЛО“ и нивното место во пошироката рамка на „ЦМЗ“ би можела да отвори нови патишта за разбирање на екстремните средини на древниот универзум, кои се премногу далечни за да се набљудуваат директно.

Вртејќи се околу супермасивната црна дупка „Стрелец А*“, Централната молекуларна зона е големо јато од маглини, гасни вртлози и хиперактивни ѕвезди кои брзо се формираат и умираат. Овој регион содржи најголем дел од густиот гас во нашата галаксија – околу 80 проценти, според Центарот за астрофизика Харвард и Смитсонијан – и е најжешката, најгустата и најтурбулентната средина во Млечниот Пат.
Турбулентното движење на молекуларниот гас го поттикнува формирањето на ѕвезди во одредени делови од зоната, додека други области се изненадувачки празни. Научниците се надеваат дека ќе разберат како процесите на големи размери што ја движат материјата низ оваа зона ја регулираат еволуцијата на објектите со мал обем, како што се поединечни ѕвезди и гасни облаци.
– Тоа е место на екстреми, невидливо за нашите очи, но сега откриено со извонредни детали – рекол Ешли Барнс, астроном од Европската јужна опсерваторија (ESO) и член на тимот зад новите набљудувања.
– Со уште помоќни телескопи што се градат во регионот, во многу погледи, ова е само почеток – додал Барнс.

Во истражувањето повеќе од 160 научници од 70 институции ширум светот ја проучуваат мистериозната Централна молекуларна зона. Во серија од пет трудови прифатени за објавување, тимот презентираше прелиминарни резултати и објасни како би можеле да го унапредат разбирањето на галактичкиот центар во наредните години.
Со проучување на различни бранови должини на светлината што ја емитираат гасот во ЦМЗ, истражувачите идентификуваа повеќе од 70 видови молекули што се движат низ галактичкиот центар. Меѓу нив се едноставни молекули, како што е силициум моноксид, но и посложени органски молекули, како што се етанол и метанол.



