На Кејли Бода ѝ е дијагностициран рак на белите дробови во третата фаза откако била зависна од пушење „вејпови“/ Фото: Принтскрин/Инстаграм/Принтскрин/Фејсбук/ WalesOnline

ФОТО | На 22-годишна Британка ѝ даваат 18 месеци живот откако „вејпала“ од 15 години

Поимот „вејпинг“ стана светски феномен, а пушењето електрични цигари е сè попопуларно меѓу младите луѓе.

На 22-годишната Кејли Бода од Манчестер, која користи електронски цигари од 15-годишна возраст, лекарите процениле дека има уште само 18 месеци живот по дијагнозата рак на белите дробови, објави британски „Сан“.

На Кејли лани ѝ бил дијагностициран редок рак на белите дробови во трет стадиум, а лекарите рекле дека нејзината состојба обично се појавува кај 80-годишници.

Кејли почнала да пуши многу ранп, а „вејпови“ за повеќекратна употреба почнала да користи на 15 години. Потоа се префрлила на „вејпови“ за еднократна употреба неколку месеци пред да се појават симптомите на карциномот во ноември 2024 година. Кејли неделно пушела еднократни „вејпови“ од 600 вдишувања.

Зависноста траела до јануари минатата година, кога почнала да искашлува кафеава слуз со „зрнести парчиња“, а потоа добила и осип по целото тело за кој лекарите мислеле дека е херпес, шуга или варичела.

– Ме лекуваа за сите три болести, но ништо не помогна. Стигнав до точка каде што се сечев од силното гребење – рекла Кејли.

По сите обиди за лекување, ѝ рекле дека станува збор за лузни од воспалението на белите дробови или за инфекција на градниот кош. По извесно време, таа почнал да искашлува крв.

– Кога почнав да искашлувам крв, направив рендгенска снимка и пронајдоа сенка на моите бели дробови. Ми рекоа дека се 99 отсто сигурни дека не е карцином, со оглед на тоа што бев толку млада. Подоцна, кога ги добив резултатите и кога ми рекоа дека е рак на белите дробови, не можев да поверувам – раскажала тинејџерката.

Кејли направила седум биопсии на белите дробови за да можат лекарите да ја проучат „сенката“. По седумте биопсии, на Кајли ѝ бил дијагностициран рак на белите дробови и била подложена на операција за отстранување на долниот лобус на десното белодробно крило, како и на хемотерапија.

Меѓутоа, и по хемотерапијата ракот се вратил во белите дробови.

– Онкологот рече дека тоа е многу ретко и дека обично се појавува кај пациенти постари од 80 години – рекла Бода.

По дијагнозата започнала циклус на хемотерапии, кои многу лошо делувале на Кејли.

– Не можев да ја кренам главата, повраќав крв, а ја имав и во урината. Изгубив 4 килограми за четири дена.

Кејли рекла дека лекарите не можеле да ѝ дадат дефинитивен одговор за причината за нејзиниот рак, но ѝ рекле дека пушењето и „вејпирањето“ дефинитивно придонеле за појавата на болеста.

Откако ѝ била поставена дијагнозата, таа престанала да пуши и ги повикува и другите да престанат.

Кејли сега се надева дека ќе собере 20.000 фунти за лекување во Германија за да се обиде да го продолжи својот живот.

– Нема зборови што можат да опишат како се чувствувам, имам 22 години, ова не треба да му се случи на некој на мои години. За ракот е виновно „вејпирањето“, бидејќи моите симптоми започнаа неколку месеци откако почнав да користам „вејпови“ за еднократна употреба, а во моето семејство нема карцином на белите дробови. Не сум пушела „вејп“ три месеци, го натерав мојот партнер да престане, ја натерав мајка ми да престане, ги поттикнувам сите мои пријатели да престанат – рекла Кејли.

– Држете се подалеку од вејповите инаку тие ќе ве стигнат – апелирала младата Британка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот