Кетрин О'Хара и Меколи Калкин / Фото: Profimedia

ФОТО | Меколи Калкин со емотивна порака се прости од Кетрин: „Мамо, мислев дека имаме уште време…“

Актерот Меколи Калкин се прости од Кетрин О’Хара, легендарната актерка која ја глумеше неговата мајка во култниот божиќен филм „Сам дома“. Нејзината менаџерка потврди дека актерката починала на 71-годишна возраст.

Кетрин О’Хара во филмовите ја играше збунетата, но топла мајка Кејт Мекалистер, а со Калкин се појави во оригиналниот филм „Сам дома“ од 1990 година, како и во продолжението „Сам дома 2: Изгубен во Њујорк“ од 1992 година.

„Мамо. Мислев дека имаме уште време“, напиша 45-годишниот Меколи Калкин на Инстаграм, покрај двете фотографии, една сцена од филмот и друга направена во 2023 година.

„Сакав уште време. Сакав да седам покрај тебе во фотелјата. Те слушав, но имав уште толку многу работи што сакав да ти ги кажам. Те сакам. Ќе се видиме подоцна“.


Калкин често зборуваше дека О’Хара му била како мајчинска фигура и надвор од филмското платно. Канадската глумица беше покрај него и во декември 2023 година, кога тој ја доби својата ѕвезда на Холивудската патека на славните. Тогаш таа изјави дека за време на снимањето бил „позрел од неа“, додавајќи:

 „’Сам дома‘ беше и остана филм што луѓето ширум светот го обожуваат. Причината за тоа е што семејствата секоја година повторно го гледаат и повторно го засакуват и тоа благодарение на Меколи Калкин“.

Во јануари 2024 година, О’Хара сподели и лична семејна анегдота која, како што рече, ја потсетила на сцена од „Сам дома“. Таа се присети на момент во Њујорк што го доживеала со сопругот Бо Велч, кога се исплашиле за своите синови Метју и Лука, кои денес се веќе возрасни.

„Бевме во Њујорк, мислам дека беше Њујорк. Бо и јас влеговме во метро, се свртевме, а нив ги немаше внатре. Вреснав, а и луѓето околу нас почнаа да врескаат“, раскажа таа.

За среќа, вратите повторно се отворија и децата им се вратија на родителите.

„И денес ми се превртува стомакот кога ќе помислам што сè можело да се случи“.

ВИДЕО | Почина актерката Кетрин О’Хара, мајката на Кевин од „Сам дома“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот