ФОТО | Лазар Ристовски добитник на наградата „Мето Јовановски“ на фестивалот „Преку езерото“: „Жалам што никогаш не играв со него“
Големиот актер Лазар Ристовски е годинашен добитник на престижната награда „Мето Јовановски“, што се доделува во рамките на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ во Дојран.
Препорачано
На денешната прес-конференција, Ристовски изрази длабока благодарност за признанието, потенцирајќи го значењето на името што го носи наградата.
„Роден сум во Војводина, татко ми е од Мариово. Оваа награда ми е значајна бидејќи го носи името на еден голем актер, Мето Јовановски, кого го познавав и со кого бев пријател, но, за жал, никогаш не игравме заедно во ист проект. Почестен сум и среќен што сум во Македонија, на еден навистина интересен и оригинално замислен фестивал“, изјави Ристовски.
Во своето обраќање, Ристовски зборуваше за суштината на актерската професија и за личната перцепција на уметноста.
„Црвениот килим и премиерите не ми се важни. Кога бев помлад – можеби, но со текот на времето, тоа исчезна. Веќе 50 години сум во оваа професија, како актер, режисер и продуцент, и сè што доаѓа по снимањето – не ме засега“, изјави актерот.

Тој нагласи дека актерството е исклучително тешка професија.
„Нашата алатка е нашето тело и нашата психа. Разликата меѓу актерите е во тоа колку храбро се нурнуваат во сопствената психа. Тие кои се храбри да копаат подлабоко, тие се поголеми актери. Некои глумат лесно, без да се види напорот. Некои пак, се потат, се грчат. Јас сум некаде помеѓу – не се потам премногу, но доживувам тежок внатрешен процес“, потенцираше тој.
Воедно, Ристовски најави дека за првпат во животот ќе одржи мастерклас, токму на фестивалот „Преку езерото“.
„Никогаш не сум сакал да бидам професор по глума, ниту да држам предавања. Јас како ученик и во основно и во средно училиште, па и на факултет, никогаш целосно не им верував на професорите. Секогаш наоѓав некое поинакво мислење, секогаш бев критичен и често поради тоа ме бркаа од часовите“, изјави актерот.
Ристовски зад себе има над седумдесет улоги на филм и телевизија, на повеќе јазици. На македонската публика ѝ е познат по улогите во „Јазол“ и „Збогум на дваесеттиот век“.


