Принцезата Кетрин и принцот Вилијам / Фото: Инстаграм

ФОТО | Кејт Мидлтон воодушеви во раскошна тоалета и круна со 2.600 дијаманти на банкет во замокот Виндзор

Принцезата од Велс, Кејт Мидлтон, воодушеви со својот изглед на државниот банкет во чест на претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, која се одржа вчера во замокот Виндзор. Настанот беше организиран во рамките на тридневната државна посета, која е прва германска посета на овој ранг во Обединетото Кралство по цели 27 години.

Инаку ова е третиот „тијара-момент“ на принцезата во 2025 година, но и највпечатливиот досега. Таа за првпат ја носеше ориенталната круна на кралицата Викторија, позната по своите 2.600 дијаманти и по историјата што ја поврзува токму со Германија, родната земја на принцот Алберт.

Принцезата избра сјајна синa тоалета на Џени Пекам со бисерни обетки што ѝ припаѓале на покојната кралица Елизабета Втора. На себе ги носеше и Кралскиот семеен орден и лентата со ѕвездата на Кралскиот викториски орден.

Фото: Pool / i-Images / Eyevine / Profimedia

Круната што ја носеше вечерта има долг пат низ историјата. Кралицата Александра некогаш ги заменила оригиналните опали со рубини, а круната ја носеле и кралицата-мајка и кралицата Елизабета Втора — но само еднаш, во 2005 година за време на посетата на Малта. Ова појавување на Кејт Мидлтон ја означи првата јавна појава на оваа тијара по две децении.

На банкетот присуствуваа и кралот Чарлс, кралицата Камила, принцот Вилијам, принцот Едвард и војвотката од Единбург, како и принцезата Ана со сопругот Тим Лоренс. Во почесниот ред се најдоа и познати личности меѓу кои манекенката Клаудија Шифер, композиторот Ханс Цимер и детскиот писател Аксел Шефлер.

Банкетот се одржа на импресивната трпезарија долга 45 метри, украсена со сезонско зеленило и огромна новогодишна елка со цел да се долови празнична атмосфера за германските гости. Масата беше подготвена за 152 гости, со вкупно 760 чаши, над 300 ножеви, ист број вилушки и 158 свеќи.

Фото: Pool / i-Images / Eyevine / Profimedia

Менито содржело јадења од кралските имоти, меѓу кои и патка од Виндзор, а послуженото вино — „Шато ла Флер-Петрис“ од Померол, берба 1995 — беше симболичен избор, година во која германскиот претседател и неговата сопруга ја склучија брачната заедница. Се служел и специјален коктел инспириран од германската „Црна шума“, со ароми на вишна и чоколадо.

Со ова појавување, принцезата од Велс го продолжи својот впечатлив камбек во јавниот живот по здравствените предизвици во 2024 година, кога најави дека е во ремисија од канцер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот