ФОТО Кавга во Собранието – пратениците од СДСМ ги искинаа заклучоците на Мизрахи според кои одговорни за Онкологија се Венко Филипче и Нино Васев

Анкетната комисија за скандалот Онкологија дојде до последната фаза кога пратеничките групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ требаше да предложат заклучоци од досега слушнатите сведоци и разгледаните документи. Но, заклучоците на едните и на другите пратеници се како „ден и ноќ“ и тие не можат да се договорат за ништо. Денеска во Собранието повторно имаше политички циркуз.

Претседателката на Анкетната комисија, Рашела Мизрахи, на почетокот на седницата прочита нејзини лични заклучоци, според кои политичка одговорност имаат ексминистерот за здравство Венко Филипче, ексдиректорите на Онкологија, Никола Васев и Нехат Нухи, поранешната директорка на ДСЗИ Ирина Сотирова Бухова, како и поранешните директори на Фондот за здравство, Стево Крстевски и Фатон Ахмети. Таа ги прочита сите закони и подзаконски акти кои според неа, со пропуштање односно со непостапување овие лица ги прекршиле и го искритикува МАЛМЕД што на Анкетната комисија наместо документи за Онкологија им доставиле 1.900 страници со документи за тоа како во земјава се набавувал инсулин.

Рашела Мизрахи, претседателка на анкетна комисија / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Потоа Мизрахи даде пауза од еден час, што наиде на остра реакција од пратениците на СДСМ кои прво ги искинаа листовите хартија со заклучоците на Мизрахи, а потоа веднаш се упатија во прес-центарот да одржат прес-конференција.

Заклучоците на пратеничката Рашела Мизрахи, искинати на парчиња од страна на пратеничката група на СДСМ на Анкетната комисија за скандалот Онкологија/Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска

Таму тие побараа оставка од Мизрахи, зашто наместо да свика координација, таа ја злоупотребила комисијата и прочитала заклучоци што се нејзини, со намера да ја изманипулира јавноста оти станува збор за заклучоци на целата Анкетна комисија. Пратениците на СДСМ наведоа дека виновен е системот кој 30 години наназад има слабости, а никако не е Филипче во чие време првпат била набавена биолошката терапија.

– Бевме сведоци на класична политичка злоупотреба на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателката на комисијата за случајот Онкологија во политички цели. Сакајќи да ги претстави своите заклучоци, или заклучоците што ѝ ги дале од белата палата, си ги прочита и без гласање, даде пауза од еден час. Ова докажува дека иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ да се формира анкетна комисија е поради тоа што сакаат да инкасираат политички поени, а не поради грижа за пациентите. Целта е само да се оцрнат тие што набавувале лекови, рече Коциќ, алудирајќи притоа на доктор Филипче, во чие време почна да се набавува биолошката терапија на Клиниката за онкологија, а претходно ја имаше за мал број пациенти.

Коциќ ја обвини Мизрахи дека се однесува како судија и обвинител.

– Уште пресуда не изрече, па да видиме кој колку треба да лежи. Бараме нејзина оставка, рече Коциќ.

Пратеничка група на СДСМ, прес-конференција за скандалот Онкологија / Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска

Кога ќе се погледнат заклучоците на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, евидентно е дека во тие на ВМРО-ДПМНЕ има шест имиња и презимиња кои биле на раководни позиции во здравствените установи како кадри на СДСМ или на ДУИ. А во заклучоците на СДСМ, има констатирано дека системот е нефункционален со години наназад и дефинитивно нема имиња.

Пратеничката Рашела Мизрахи, одржа прес-конференција на која 45 минути цитираше закони и подзаконски акти кои, според неа, биле прекршени од страна на сите здравствени институции па така бил укинат контролниот механизам, поради што било загрозено уставното право на граѓаните на еднаква здравствена заштита и се создал амбиент за, како што рече, „здравствен башибозук“.

– Моите заклучоци не се базирани ни на политика ни на вендета. Имаше нервозна атмосфера кога ги прочитав, иако само ја следев законската патека за тоа како требало да функционира системот, а не функционирал. Денеска побараа мое разрешување заради тие заклучоци. Не е првпат. Ќе стојам зад вистината и фактите, рече Мизрахи.

Таа додаде дека два месеца „дише со законите за здравствена заштита“ и благодарение на тој посветен пристап, утврдила, според законите, кој е виновен и пропуштал дејствија.

Еден од заклучоците на пратениците на СДСМ беше да се променат законите.

– Не може да менувате закони и да тврдите дека се дефектни, а притоа воопшто не сте ги ни почитувале, рече Мизрахи.

Заклучоците на пратеничката група на СДСМ се Обвинителството да ги расчисти сомнежите за терапијата на Онкологија, тоа дека КАТО системот бил набавен без да има кадар и услови да проработи, што отвора сомнеж дека некој од него сакал да профитира, да се ревидира позитивната листа на лекови, да се изменат законите за финансирање, да се подобри превенцијата на малигни болести и превентивните прегледи, да се обезбеди квалитетна набавка на лекови итн. Споменаа и дека во времето кога министерот бил од ВМРО-ДПМНЕ, лековите се носеле во Македонија со паралелен увоз без сертификат за квалитет, што подоцна во времето на владата на СДСМ се променило.

– Нашите заклучоци се и дека треба да се спроведат препораките на Државниот завод за ревизија. Долги години на Клиниката за онкологија имало системски пропусти констатирани и од ДЗР и од сведоците кои беа присутни овие месеци. И директорите кажаа дека има проблем со Законот за јавни набавки. Набавката на системот КАТО без соодветна опрема и кадар е можеби злоупотреба на народни пари за ставање пари в џеб, а за опремата немало соодветен простор и кадар. Тоа што дел од опремата се чувала во депо исто така е злоупотреба. Бараме да бидат ставени на гласање заклучоците од страна на сите членови на Анкетната комисија, а не да се изнесуваат лични ставови како ставови на Комисијата. Не се согласуваме со овој начин на работа и бараме претседателката да си даде оставка, а не да ја користи Комисијата за да изигруваат суд и да ги штитат тие што се виновни. Како Собрание сме должни да донесеме заклучоци кои ќе служат да се подобри здравјето на сите граѓани, додаде Коциќ.

Откако и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ одржаа одделни прес-конференции во прес-центарот на Собранието, Анкетната комисија е најавено дека ќе продолжи во 15 часот. Но, заклучоците на пратениците од власта и од опозицијата немаат никаков заеднички именител и тие не можат да се согласат буквално за ништо ни по 15 продолженија на втората седница на Анкетната комисија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот