Фото: Принтскрин/Инстаграм

ФОТО | Ја здогледал во ложата на операта и го маѓепсала: Како настанала „црвената на Валентино“, бојата што ја промени историјата на модата и стана симбол на луксуз

Модниот свет од вчера тагува по италијанскиот моден дизајнер Валентино Гаравани, кој почина на 93-годишна возраст.

Валентино Гаравани со причина го добил прекарот „крал на модата“. Уште од неговите најрани денови, поточно од 1960 година кога го создал своето ателје, овој моден маг имал јасна визија за своите уметнички дела.

Валентино знаел за кого ги создава своите креации и знаел дека неговите луксузни тоалети ќе ги носат дами кои зрачат со женственост и самодоверба.

„Мојата амбиција е да го наметнам мојот стил и да се забавувам додека дизајнирам, како и да ги направам жените да изгледаат и да се чувствуваат убаво“, рекол дизајнерот своевремено.

Неговите ревии биле повеќе од мода – тие биле општествен спектакл.

Светот на модата сè уште не се опоравил од смртта на Џорџо Армани, а сега почина легендарниот Валентино Гаравани, дизајнерот кој зад себе остави модна империја и најубавата нијанса на црвената боја – црвената на Валентино.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Pechuga Vintage (@pechuga_vintage)

Црвената боја стана синоним за „Валентино“, а денес е тешко да се замисли овој бренд без неа.

Постои црвена – и постои ја црвената на Валентино. Оваа специфична, жива нијанса е најсилниот и најтрајниот заштитен знак на брендот „Валентино“. Нејзинотпо потекло не доаѓа од дизајнерско студио, туку од момент на инспирација во текот на младоста на Валентино Гаравани. Ова е приказната за познатата црвена боја на Валентино – Rosso Valentino.

Тогаш младиот дизајнер, Валентино Гаравани, бил со својот татко да ја гледа операта „Кармен“ во Барселона кога го воодушевиле жените во ложата, сите облечени во раскошни црвени фустани. Тој не можел да ги тргне очите од една постара дама во публиката, облечена во црвен кадифен фустан, достоинствена и елегантна, која засекогаш го маѓепсала фантазијата на младиот Валентино. Неговиот поглед бил фиксиран на интензитетот на таа провокативна боја што ги будела сетилата и ја разбивала монотонијата на белиот, синиот и црниот свет околу неа. Тоа било нијанса што не можела да се игнорира.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by HOUSE OF BEVERLY (@houseofbeverly)

„Мислам дека жената облечена во црвено е секогаш величествена. Меѓу сите бои што ги носеа другите жени, таа ми се делуваше единствена, издвоена во својот сјај. Никогаш не ја заборавив. Мислам дека жената во црвено е секогаш совршена слика за хероина“, се присетил подоцна Валентино.

Тоа сеќавање станало негов заштитен знак.

Кога во 1959 година го отворил своето прво ателје, Валентино во себе ја носел таа слика од Барселона како портрет закачен на ѕидот од својата фантазија и без двоумење одлучил дека „жената на Валентино“ ќе биде облечена во црвено. Од тој момент, црвената боја станала неопходен дел од секоја колекција на модната куќа „Валентино“ и наскоро прераснала во нејзин заштитен знак – симбол на римскиот гламур и естетскиот класицизам што ги повикува античките божици и митолошките суштества, римските матрони и кралиците, величественото минато што повторно оживува во плисирана свила, сатенскиот фустан на телото или лесното здолниште од тил.

 

Првиот црвен фустан што Валентино го претставил се појавил во колекцијата пролет/лето 1959 година. Бил именуван како „Ла Фиеста“ и бил без прерамки, со средна должина, од тил, во интензивна црвена боја што наскоро станала заштитен знак на брендот. Овој фустан доживеал моментален успех и го лансирал Валентино во историјата на модата. Денес, црвената боја на Валентино е официјално признаена од Институтот Пантоне. Таа интензивна нијанса, слична на цвет од афион, во модната индустрија стана позната како „црвената на Валентино“ .

 

Надвор од модната писта, црвената боја на Валентино ја носеле и ја носат бројни славни жени. Оваа црвена ја облекува тивката тага на Џеки Кенеди, криејќи ги внатрешните немири на жена посветена на историјата под беспрекорниот костим или вечерниот фустан со украсни панделки, додека во седумдесеттите години се преточила во шише парфем со истото име.

Црвената боја на Валентино е чиста нијанса – совршено извлечен пигмент кој стана вечна дефиниција за стил, женственост и легенда. Нејзината формула е мешавина од 100 отсто магента, 100 отсто жолта и 10 отсто црна, создавајќи тон кој е истовремено огнен и длабоко елегантен.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by AMICA (@amicamagazine)

Наследството на оваа боја е толку значајно што во 2022 година книгата на Асулин за црвената на Валентино била посветена на неа, документирајќи ја нејзината употреба низ историјата на модната куќа.

 

Легендарниот италијански дизајнер Валентино почина на 93-годишна возраст

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот