Валентино Гаравани / Фото: Profimedia

Легендарниот италијански дизајнер Валентино почина на 93-годишна возраст

Италијанската модна легенда Валентино Гаравани, чии елегантни вечерни тоалети со децении ги носеа најгламурозните жени во светот, почина на 93-годишна возраст, соопшти неговата фондација, а пренесе Си-ен-ен.

Валентино е роден во 1932 година во северниот италијански град Вогера. Модниот занает го усовршувал во ателјеата за висока мода во Париз, а во 1959 година ја основал сопствената модна куќа во Рим. Уште од раните години станал препознатлив по црвените фустани во длабока скарлетна нијанса, боја што толку силно се поврзала со неговото име што во модната индустрија станала позната како „црвената боја на Валентино“.

Во 1960 година го запознал својот долгогодишен деловен партнер, а во период од 12 години и животен сопатник, Џанкарло Џиамети, тогаш млад студент по архитектура. Заедно ја изградија компанијата „Валентино Сп А.“ во глобално препознатлив моден бренд.

Меѓу првите славни клиентки на Валентино била актерката Елизабет Тејлор, која ја запознал додека таа снимала филм во Рим во раните шеесетти години. Неговите креации ги носеле и Бегум Ага Хан, белгиската кралица Паола, актерките Одри Хепберн и Џоан Колинс, како и Жаклин Кенеди, која во 1968 година облече фустан од Валентино на својата венчавка со грчкиот бродосопственик Аристотел Оназис.

Неговата популарност продолжи да расте и во следните децении. Во текот на седумдесеттите години, Валентино често престојувал во Њујорк, опкружен со пријатели како уметникот Енди Ворхол и легендарната уредничка на списанието „Вог“, Дијана Вриланд. Во деведесеттите години, тој стана миленик на супермоделите на деценијата, меѓу кои Клаудија Шифер и Наоми Кемпбел.

Креациите на Валентино редовно се појавуваа и на црвениот тепих. На доделувањата на Оскарите, меѓу највпечатливите изданија се вбројуваат богато везениот фустан што Џејн Фонда го носеше во 1981 година, винтиџ црно-белиот фустан на Џулија Робертс во 2001 година, пастелно ментолниот фустан на Џенифер Лопез во 2003 година и жолтиот фустан на Кејт Бланшет во 2005 година. И Робертс и Бланшет во тие години ја освоија наградата Оскар.

На доделувањето на Оскарите во 2002 година, Ен Хатавеј се појави на црвениот тепих во раскошен фустан од Валентино, во придружба на самиот дизајнер. Во поновите години, меѓу актерките кои носеа креации од овој бренд и добија пофалби од модната критика се Зендаја, Кери Малиган и Џема Чан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот