ФОТО | Италијанската инфлуенсерка Кјара Ферањи е ослободена од обвиненијата за проневера на пари наменети за лекување деца болни од рак
Италијанската инфлуенсерка Кјара Ферањи е ослободена од обвиненијата за тешка измама во случајот познат како „Пандорогeјт“, кој се однесуваше на наводни измамнички хуманитарни кампањи, пишува „Си-ен-ен“.
Препорачано
Обвинителството во Милано ја товареше Ферањи дека во периодот 2022–2023 година ги довела потрошувачите во заблуда преку промоција на продажба на колачи „пандоро“ во лимитирано издание, произведени од италијанската кондиторска компанија „Балоко“. Според кампањата, зголемената цена на производот требало директно да биде наменета за лекување на деца. Слични обвинувања се однесуваа и на брендирани велигденски јајца со името на Ферањи, кои биле промовирани како поддршка на здружението „I Bambini delle Fate“, организација што помага на деца со аутизам.

Ферањи, која се најде под силен притисок од јавноста и правосудните институции, веднаш по избувнувањето на скандалот јавно се извини и вети дека ќе донира еден милион евра на Детската болница „Реџина Маргерита“ во Торино, која била дел од иницијативата поврзана со пандорото. Дополнително, таа донирала и 1,2 милиони евра на здружението „Bambini delle Fate“.
„Сите сме емотивно погодени. Им благодарам на сите – на моите адвокати и на моите следбеници“, изјави 38-годишната инфлуенсерка по ослободителната пресуда.
Скандалот значително ѝ ја наруши репутацијата на социјалните мрежи, доведувајќи до пад на бројот на нејзини следбеници и сериозно потресувајќи го нејзиното деловно царство, кое опфаќа козметика, лиценцирање и мода. Последиците се почувствуваа и во приватниот живот, бидејќи нејзиниот брак со познатиот рапер Федец се распадна под притисокот на јавноста.
Како најпозната италијанска инфлуенсерка, Ферањи стана симболичен случај за обвинителите и регулаторните тела, кои сакаа да испратат јасна порака до другите учесници во брзорастечката и сè уште слабо регулирана економија на креаторите на содржини.
Во декември 2023 година, италијанската Агенција за заштита на конкуренцијата ја казни Ферањи со повеќе од еден милион евра поради „нефер деловни практики“ поврзани со брендираниот колач пандоро.
Неколку месеци по скандалот, конзервативната влада на премиерката Џорџа Мелони предложи закон, неформално наречен „Законот Ферањи“, кој има за цел директно да ги регулира инфлуенсерите за кои постои сомнеж дека ја доведуваат публиката во заблуда преку нејасни маркетиншки промоции. Засега не е познато дали обвинителството ќе поднесе жалба на пресудата.
Таа е најмоќната инфлуенсерка во светот и носи чанта од 432.000 долари!


