ФОТО | Илајџа Вуд му ја врачи Златната палма на Питер Џексон на фестивалот во Кан
Вистинско обединување на екипата од „Господарот на прстените“ (The Lord of the Rings) се случи на Канскиот филмски фестивал, каде што режисерот Питер Џексон доби почесна Златна палма од актерот Илајџа Вуд, кој го толкуваше ликот на Фродо Бегинс во култната филмска трилогија, пишува „Варајети“.
Препорачано
За време на свечената церемонија, Вуд се присети на првата средба со Џексон, кога имал само 18 години и испратил видеоаудиција снимена со пријатели во парк.
„Тој ја изгледал видеоснимката што ја направивме со пријателите во шумата во Грифит парк, а потоа сакаше да го запознае момчето што ја испратило“, раскажал актерот.
Вуд открил дека моментот кога дознал дека ќе го игра Фродо му го променил животот засекогаш.
„Седнав на подот во мојата соба и почувствував дека мојот живот се дели на пред и потоа“, рекол тој.
Питер Џексон ја прими наградата со прегратка, а потоа се пошегува дека Илајџа „пуштил малку повеќе брада“ од нивната прва средба пред 27 години.
„Ако некој некогаш прави римејк на ‘Однесено од виорот’ (Gone With the Wind), тоа би можела да биде твојата улога“, се пошегувал режисерот.

Во својот говор, Џексон откри и дека токму Канскиот фестивал помогнал да се промени негативната перцепција околу „Господарот на прстените“ (The Lord of the Rings) во периодот кога филмот се снимал.
„Ги снимавме сите три филма истовремено во текот на три години, а медиумите постојано пишуваа дека тоа е огромен ризик и дека сè ќе пропадне“, рекол Џексон.
Тој објаснил дека во тоа време компанијата „Ворнер“ минувала низ турбулентен период поради спојувањето со „АОЛ – Тајм Ворнер“, па голем дел од јавноста се сомневала во успехот на проектот.
Сепак, основачот на „Њу лајн синема“, Боб Шеј, донел одлука да прикаже 20 минути од „Дружината на прстенот“ (The Fellowship of the Ring) на фестивалот во Кан во 2001 година.
„Тоа целосно ја смени перцепцијата за филмот. До моментот кога излезе во кината, веќе постоеше огромно исчекување“, рекол Џексон.
Дваесет и пет години подоцна, франшизата и понатаму е исклучително популарна. Џексон беше извршен продуцент на анимираниот филм „Војната на Рохирим“ (The War of the Rohirrim) во 2024 година, додека актерот Енди Серкис, познат по улогата на Голум, ќе го режира филмот „Лов по Голум“ (Hunt for Gollum), кој треба да излезе во 2027 година.
Во март годинава беше најавено и ново продолжение на франшизата со наслов „Сенки од минатото“ (Shadows of the Past).
Со ова признание, Питер Џексон се приклучи на листата добитници на почесната Златна палма, меѓу кои се Ањес Варда, Мерил Стрип, Роберт де Ниро, Џоди Фостер и Том Круз.
ФОТО | Отворен е 79. Кански фестивал — филмски и модни ѕвезди го преплавија црвениот тепих


