ФОТО | Годинашната Евровизија е официјално отворена, претставниците продефилираа на тиркизниот тепих
Со спектакуларна церемонија на отворање и традиционалниот тиркизен тепих, денеска официјално започна евровизиската недела во Виена, со што беше означен стартот на јубилејното 70. издание на Изборот за песна на Евровизија.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Центарот на австриската престолнина беше претворен во голема музичка сцена, а делегациите и учесниците од сите земји учеснички продефилираа по тиркизниот тепих, кој се протегаше од легендарниот Бургтеатар до Градското собрание на Виена. Илјадници фанови, новинарски екипи и посетители ја следеа церемонијата, која традиционално го означува почетокот на најгледаниот музички телевизиски спектакл во Европа.

Во свечениот дел од програмата настапи Симфонискиот оркестар на австриското радио ОРФ, кој во живо ја изведе химната на Евровизија, но и трите победнички австриски песни од историјата на натпреварот. Атмосферата дополнително ја загреа музичкиот состав „Вудсток Олстар бенд“, кој за секоја делегација изведуваше специјално избрани песни поврзани со нивната земја — од светски поп-хитови до традиционална народна музика.

Продуцентот на церемонијата, Томи Шмидле, изјавил дека идејата била преку музиката да се прикаже Виена како „главен град на музиката“ и место каде различни култури се спојуваат со векови.
„Виена обединува многу различни музички стилови и култури. Сакавме секоја земја да се почувствува добредојдено преку музиката“, изјавил Шмидле.

Тој додал дека најголем предизвик било да се задржи балансот помеѓу емоцијата, спонтаноста и строгата динамика на телевизиски пренос во живо.
„Кога артистите ќе зачекорат на Тиркизниот тепих, се надевам дека ќе бидат преплавени од емоции. Ќе има многу моменти за славење со фановите, но истовремено мораме да внимаваме на ритамот на програмата бидејќи станува збор за директен пренос“, објаснил тој.

Посебен визуелен момент на церемонијата беа и волонтерите кои ги носеа националните знамиња долж трасата, додека делегациите се движеа кон главната сцена, каде ги очекуваа фотографи, публика и оркестарот.
Организаторите најавија дека годинашната Евровизија ќе биде комбинација од традиција, спектакл и современа продукција, а денешното отворање уште еднаш потврди дека Виена е подготвена да биде музичкиот центар на Европа во наредните денови.






