ФОТО | Армиските „Хермелини“ и оклопните возила „БТР“ стануваат противпожарни
Во фабрика во близина на Кавадарци, се одвива интензивна пренамена на воени оклопни возила во противпожарни машини, во пресрет на сезоната на шумски пожари. Фотографии од процесот беа објавени на социјалните мрежи од групата „Македонија – Macedonia“, предизвикувајќи голем интерес во јавноста.
Препорачано

Станува збор за поранешни војнички оклопни транспортери (БТР), на кои се монтираат резервоари за вода со капацитет од 6.000 литри. Дел од возилата се веќе бојадисани во препознатливата портокалова боја што ја користат противпожарните служби и наскоро се очекува нивна официјална промоција.

Покрај БТР-возилата, се работи и на пренамена на два поранешни „хермалина“ од Министерството за внатрешни работи. За нив, наместо воден резервоар на самото возило, се подготвува влечна цистерна со приколка, информира групата на „Фејсбук“.
Директорот на Управата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, неодамна изјави дека за ефикасна борба со шумските пожари се неопходни теренски противпожарни возила, особено за тешко пристапните подрачја.


