Фото: Илустрација

Фондот за здравство најави мерки: Околу 477.000 луѓе имаат бесплатно здравствено осигурување, а работат во сива економија

Започнат е процес на преоценување на критериумите за здравствено осигурување, на иницијатива на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, а со одлука на Владата на Македонија.

„Македонија има еден од највклучувачките закони кои обезбедуваат основ за здравствено осигурување за секој еден граѓанин, бидејќи целта е универзално здравствено осигурување за сите,“ соопшти директорот на Фондот, Сашо Клековски.

Во моментов во Фондот има 1.845.007 осигуреници.

„Целта на преоценувањето е да се намали ризикот од злоупотреба и посебен фокус е основот за осигурување за ‘лица со пониски и повисоки примања, а не се вработени (невработени лица)’. По тој основ се осигурани околу 477.000 луѓе,“ соопшти Фондот.

Целта за овој основ е да се опфатат не само активните баратели на работа, се вели во соопштението, туку и лицата кои не се формално вработени. Ризикот од злоупотреба, додава Фондот, се луѓе кои неформално работат во сива економија и луѓе кои живеат или приходите им се во странство.

И едните и другите немаат регистрирани приходи во земјата и се квалификуваат за бесплатна здравствена заштита, се наведува во соопштението.

„Поради тоа Фондот трпи штети и по основ на приходи за здравствено осигурување и по основ на повеќе исплатени капитации зашто бројот на осигуреници е основ за плаќање на матичните лекари. Основниот проблем е сивата економија и затоа процесот го води работна група која покрај Фондот го вклучува Министерството за здравство, Министерството за финансии и Управа за јавни приходи, а по потреба се консултира Министерството за внатрешни работи,“ додава Клековски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот