Филмскиот фестивал во Берлин е важна платформа за македонската кинематографија
Пред отворањето на 76. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Берлин – Берлинале (12-22 февруари), Агенцијата за филм потсети на македонските филмови што се претставија пред светската публика токму на овој врвен филмски настан.
Препорачано
Како фестивал со изразен авторски и политички сензибилитет, Берлинале со години е важна платформа за македонската кинематографија – простор каде домашните автори отвораат сложени општествени и интимни прашања.
Берлинската приказна започнува со „Бубачки“ (2004, Главна програма) на Игор Иванов – првиот македонски краткометражен филм во главната натпреварувачка програма и номиниран за „Златна мечка“. Преку приказната за аутистичното момче Петар, чиј заштитен свет се распаѓа под налетот на реалноста, филмот проговори за ранливоста и изолацијата. „Бубачки“ го освои „Златниот леопард“ на фестивалот во Локарно и влезе меѓу деветте кратки филмови во трката за „Оскар“, означувајќи силен меѓународен пробив.
Филмот „Мајки“ (2011, „Панорама“) на Милчо Манчевски ја разградува границата меѓу фикцијата и стварноста, поставувајќи ја вистината како нестабилна и вознемирувачка категорија во општество обележано со насилство. Со „Бардо“ (2012, „Генерација 22“), Марија Апчевска понуди интимен поглед кон загубата преку детска перспектива, третирајќи ја смртта со нежност и емпатија.
Во „Кога денот немаше име“ (2017, „Панорама спешл“), Теона С. Митевска создаде портрет на изгубената генерација – младост фатена меѓу економска несигурност и општествена дезориентација. Со „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ (2019, Главна селекција), македонскиот филм се врати во главната селекција. Преку еден чин на непослушност, филмот понуди остра критика на патријархалните структури и институционалната инертност.
Македонија беше присутна и преку малцински копродукции – „Реквием за госпоѓа Ј.“ (2017, „Панорама спешл“) на Бојан Вулетиќ и „Малмкрог“ (2020, „Енкаунтерс“) на Кристи Пују – проширувајќи го своето учество во европски авторски продукции.
На Берлинале 2026, континуитетот продолжува со „17“, дебитантскиот долгометражен филм на Косара Митиќ, селектиран во програмата „Перспективи“ (светска премиера на 18.02.2026), како најава за нова генерација македонски автори на една од најважните светски филмски сцени.


