Филипчев: За организирање на пливачкиот митинг „Гран при“ потребна е поголема финансиска помош

Фото: pfm.org.mk/

Како што соопштија од Националната пливачка федерација поради влошување на ситуацијата со коронавирусот во Македонија, како и во светот, а исто така на барање на неколку поголеми клубови во нашата земја, меѓународниот митинг „Гран при Македонија 2021“ кој требаше да се одржи на 27 и 28 март во Олимпискиот базен Центар се одложува.

Истиот е презакажан за 17 и 18 април 2021 година. Има најава за учество на клубови од Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина, како и сите клубови од Македонија.

А покрај ситуацијата со ковид-19, има и други причини зошто сега не се организира овој настан:

– За организација на голем меѓународен пливачки митинг гран при што содржи четири пливачки дела потребна е поголема финансиска помош. За жал во моментов не ја добиваме од надлежните институции, но во преостанатите денови очекуваме помош од институциите. Второ, да се затопли и спреми еден олимписки базен со температура на вода адекватна за организирање на таков пливачки митинг. Потребно е потрошување на огромна количина на електрична енергија, а што концесионерот на базенот не може да го поднесе, бидејќи како единствен капитален спортски комплекс е без помош од државата и не може да го избегне тој товар.

Исто така, состојбата со коронавирусот е влошена, митингот е презакажан за 17 април во потопли денови каде може да се искористат и терасите, гардеробите и трибините за растеретување на гужвата која очекуваме на овој митинг да биде огромна, но според протоколите на Владата и НПФ пливачите ќе бидат поделени во групи користејќи ги сите ресурси со што располага базенот. Ќе се распоредат да не се почувствува никаква гужва и групирање.

Воедно поради полицискиот час, одредени клубови не би можеле да се вратат во своите земји, па се надеваме на 17 и 18 април состојбата ќе биде подобра – ни изјави претседателот на Националната пливачка федерација, Александар Филипчев.

В понеделник (29 март) според програмата на натпревари на федерацијата ќе се одржи Националното првенство во далечинско пливање на Олимпискиот базен Центар со почеток од 14.00 часот.

– Во однос на националното првенство во далечинско пливање, не би имало пречка да се организира, бидејќи на тоа првенство пријавени се околу 30 пливачи и првенството би се одржало пред почетокот на редовните тренинзи притоа запазувајќи ги сите мерки и протоколи. 30 деца поделени во три групи, по едно дете во стаза – додаде Филипчев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот