Филипче со „фронтот“ тргнува во политичка битка за Европа и за реформи
Покрај старите, имаме и нови партнери што ќе ни се придружат. Дел од нив сакаат да останат анонимни, односно не сакаат да бидат изложени на црна кампања и тоа е во ред. Ќе ги посетиме сите градови и ќе упатиме директен повик до сите субјекти, вели Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски нека каже што точно му значи повикот за обединување, нека каже за што му треба обединување. Лидерска средба не е клучното прашање, вели лидерот на СДСМ Венко Филипче за „Слободен печат“ откако претседателот на Владата, викендов, по повод Денот на Европа повика на национално обединување.
Препорачано
Според Филипче, ваквите повици на Мицкоски се обична фарса и барање изговор за неуспесите.
– Мицкоски сака да глуми некој голем патриот и повикува на некакво национално обединување. Еве нека каже за што му треба обединување. Точно се знае што треба да направи, а тоа се уставните измени. Тој не сака да го направи чекорот кон Европа поради тоа што треба да си го продолжи бизнисот – вели Филипче.
Повиците за обединување на македонската политичка сцена не се ништо ново, но засега остануваат само на повици. Партиските лидери влечат секој на своја страна и ниту еден не подава рака за сериозно национално обединување околу државните интереси. Минатата година СДСМ во Собранието поднесе предлог-резолуција која предвидуваше заедничка платформа за надминување на блокадата на Бугарија во рамките на евроинтегративниот процес и истата беше испратена до сите партии. Филипче за „Слободен печат“ вели дека досега ниту една партија не се изјаснила за платформата.
Тој неодамна најави дека ќе почне фронт за широка мобилизација на граѓаните за европска иднина на државата. Фронтот, како што ни откри, ќе го промовира утре или задутре.
– Утре или задутре ќе го презентирам главниот столб на фронтот, а тоа е Европа и борбата против корупцијата. Покрај старите, имаме и нови партнери што ќе ни се придружат. Дел од нив сакаат да останат анонимни, односно не сакаат да бидат изложени на црна кампања и тоа е во ред. Ќе ги посетиме сите градови и ќе упатиме директен повик до сите субјекти – изјави Филипче.
На прашањето дали имале контакт со некој од албанскиот политички блок околу овој фронт, Филипче ни рече дека сѐ уште е рано да каже дали некој од албанските лидери ќе им се придружи.
– Ќе ги чекам првите реакции после моето образложување на главниот столб па ќе видиме – посочи лидерот на СДСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски, викендов порача дека ни е потребно обединување во заедничката борба за подобар живот.
– Како народ, отсекогаш сме знаеле дека силата е во заедништвото. Секогаш кога сме биле обединети околу државата, околу народот и околу иднината – сме победувале. Денес ни е потребно токму тоа – обединување. Не во поделбите, туку во заедничката борба за подобар живот, посилна економија, праведно општество и држава во која младите ќе сакаат да останат. Жал ми е што многупати беше одбиена таа рака за обединување. Но, има и такви политичари кои за да стигнат до обединување, треба да знаат дека мора да чекорат напред, а не да стојат во место или да одат назад – рече премиерот.
ВИДЕО | Мицкоски: Европа е нашиот единствен пат, но нема пазар со идентитетот
„Слободен печат“ упати прашања до Владата, дали по овој повик премиерот планира да закаже некоја лидерска средба или можеби во план е подготовка на некаква национална стратегија, но не добивме одговор.
Минатата година владиниот партнер на Мицкоски, лидерот на Движењето ЗНАМ Максим Димитриевски, предложи национална платформа за македонско национално единство и црвени линии. Тој тогаш рече дека целта на платформата содржана во деветте точки е да ги обедини сите политички фактори за да се изгради државен став со кој ќе се обезбеди и гарантира достоинствен пат на Македонија за остварување на стратешката цел: полноправно членство во ЕУ. Од Владата не добивме одговор ниту кој е ставот на Мицкоски по однос на оваа платформа и дали воопшто ја разгледал.
Во меѓувреме, денеска во Брисел се одржува состанокот на Советот на ЕУ за надворешни работи. Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека во ЕУ има место за сите земји од Западен Балкан. Таа повтори дека проширувањето е приоритет за Европската Унија, но дека неговиот успех зависи од спроведените реформи во земјите кандидати.
– Ако нашите кандидати имаат резултати, ќе ги имаме и ние. Ние веќе ги имаме. Првпат по 17 години формиравме работна група за пристапување на нова земја, а тоа е Црна Гора. Покрај тоа, последниот Евробарометар покажа навистина голема определеност на луѓето во Црна Гора да станат членка на ЕУ – рече Кос.
Таа се заложи и за измена на методологијата за проширување, за принципот на постепена интеграција да се применува и во други области освен оние што се поврзани со заедничкиот пазар. Како пример ја наведе безбедносната политика, додавајќи дека за тоа интензивно се преговара со земјите членки на ЕУ.
– И понатаму користиме методологија стара 40 години. А тоа значи дека живееме во поинакво време. Ова не е време на мир, немаме многу време – рече таа.
Муцунски: Потребно е да се оттргнеме од билатерализацијата на пристапните критериуми
Пред почетокот на Советот на ЕУ, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски порача дека проширувањето е императив и за Европската Унија и за земјите кандидати. Тој посочи дека државава постигнала конкретни резултати во спроведувањето на Реформската агенда, особено во последните месеци, нагласувајќи дека е целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
– Нашата порака до земјите членки е повеќеслојна. Потребно е да се оттргнеме од билатерализацијата на пристапните критериуми, но и да се засили ангажманот за прашања кои одат и пошироко од самиот процес на проширување, особено во областите на безбедноста и одбраната, економијата и трговијата, енергетската безбедност, безбедноста на храната и дигитализацијата – истакна Муцунски.
Муцунски: Западен Балкан да престане да биде „сива зона“ на Европа


