ВИДЕО | Мицкоски: Европа е нашиот единствен пат, но нема пазар со идентитетот
Не смееме да дозволиме подвигот на илјадниците борци кои ги положија своите животи за слободата која ја живеме денес да биде заборавен или релативизиран, порача премиерот Христијан Мицкоски на свеченоста по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Тој нагласи дека во Втората светска војна, македонскиот народ, рамо до рамо со своите сограѓани Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци, застана на вистинската страна на историјата.
Препорачано
„Тие не се бореа само против окупаторот. Тие се бореа за правото човекот да живее слободно, да говори на свој јазик, да го чува своето име и да верува во иднината“ рече Мицкоски.
Тој додаде дека слободата не е подарок, туку избор, жртва и одговорност.
„И колку тоа некој да сака да го сокрие или прескокне, нашите предци беа на исправната страна на историјата. Имаше и такви челници на народи кои тоа не беа. Беа непријатели во оваа битка и низ нишан се гледаа. И тоа не беа администратори, туку окупатори. Како граѓанин и како човек кој има мандат да одлучува за процесите, ниту сега ниту во иднина нема да замолчам кога станува збор за вистината за нашата борба и нема да престанам да ги вреднувам заслугите на нашите предци кои ја изборија слободата. Повторувам – тие беа на вистинската страна. На страната на слободата. Против фашизмот, рече Мицкоски.
Претседателот на Владата рече дека Европа е нашиот единствен пат и оти нашата татковина нема друга иднина и шанса за успех освен интеграцијата во Европската Унија.
„Ние верувавме во тоа и сè уште веруваме дека Европа е нашиот единствен пат. Нашата татковина нема друга иднина и шанса за успех освен интеграцијата во Европската Унија. Но, исто така, да не се залажуваме – постои и горко искуство од многу откажувања, препреки и неразумни спорови на овој наш пат. Тоа силно и длабоко фрустрира, кога принципите се кршат токму врз грбот на оние кои бараат принципи и праведна шанса. Исто како што обесхрабрува и рамнодушноста на многу поголеми држави кон овие неправедни епизоди на нашиот народ и држава, рече Мицкоски.
Тој сепак додаде дека разбира дека Европа денес повторно се соочува со предизвици – војни, поделби, радикализам и економска неизвесност.
– Мора да разговараме и да се обидуваме, затоа што само така можеме да дојдеме до решенија. Но не решенија со кои ќе оставиме големи товари на нашите потомци, туку трајни решенија по кои ќе можеме да одиме напред, истакна Мицкоски.
Тој уште еднаш повтори дека никогаш нема да прави „пазар со идентитетот и со нашето достоинство во замена за какви било лични или политички придобивки, какви што имало во историјата“.
„ Ниту ми паднало на ум такво нешто. Оваа моја позиција им пречи на неколкумина, но и тие знаат дека честа нема цена и дека никогаш нема да нанесам каква било штета на нашата држава, рече Мицкоски.
На настанот беа присутни делегации од институции, политички партии, амбасади, кои положија цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“.


