Венко Филипче / Фото: Фејсбук

Филипче: Напаѓачот на „Инфомакс“ е член на ВМРО-ДПМНЕ, сакаат да го свртат вниманието од проблемот со мигрантите

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција го осуди нападот врз редакцијата на „Инфомакс“ и ја обвини власта на ВМРО-ДПМНЕ за „ова насилничко сценарио“. Рече дека според нивни информации напаѓачот е член на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Вчера се случи инцидент, најголем по нападот на „А1ТВ. Напад на новинари за време на нивната работа. Слободата на граѓаните и на медиумите е загрозена, но ние нема да чекаме да испраќаат тепачи“, рече Филипче.

Според него, власта го предизвикала овој инцидент за да го сврти вниманието од заканата која, како што рече, „ѝ ја подготвуваат на Македонија со мигрантите“.

Тој додаде дека Мицкоски планирал избори напролет, исто како и српскиот претседател Александар Вучиќ, „за да ги избрише трагите на една од најголемите измами“. Претседателот на СДСМ ги повика институциите да го расчистат нападот врз „Инфомакс“.

„Доста ни е од лагите на ВМРО. Вчерашниот напад на Инфомакс е само почеток. Ги повикувам сите новинарски здруженија да застанат во одбрана на своите колеги. Да не дозволиме да не вратат во медиумскиот мрак од пред дест години“, рече Филипче.

Филипче ги повика институциите да си ја вршат својата работа и насилникот и организаторите да бидат изведени пред лицето на правдата.

Тој повторно ја обвини власта за „српско сценарио“ и за преземање на „моделот на Вучиќ“ кој, како што рече, во Македонија владее веќе две години. Ги повика сите политички партии, невладини организации и студенти да му се приклучат на СДСМ и да ги договорат заедно следните чекори за „спас на Македонија од пропаста“.

„Повикувам да застанеме пред оваа закана, да ја спасиме земјата од српското сценарио на пропаст. Тоа сценарио ќе го разниша системот и нема да има пари ниту за плати, ниту за пензии и ќе предизвика целосен економски колапс“, рече Филипче и порача дека нема да го чекаат ова сценарио со прекрстени раце.

ВИДЕО | Упад во живо на Инфомакс, насилник влегол во студиото и почнал да крши и да ги навредува новинарите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот