ФИФА: Суспензијата на Тонали се однесува на целиот свет
Десетмесечната суспензија на фудбалерот на Њукасл, Сандро Тонали поради кршење на правилата за обложување ќе важи ширум светот, соопшти денеска Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).
Препорачано
Менаџерот на Њукасл, Еди Хау, изјави дека има добри шанси Тонали да игра на претстојниот натпревар против Вулверхемптон бидејќи клубот од Премиер лигата не е официјално известен за суспензијата.
И покрај тоа, ФИФА соопшти дека го одобрила барањето на Италијанската фудбалска асоцијација казната изречена за Тонали да се применува насекаде во светот.
Италијанската фудбалска федерација во четвртокот го казни Тонали со 10-месечна суспензија поради кршење на правилата за обложување.
Тонали се согласи на 18-месечна суспензија, од кои осум ќе бидат заменети со „терапевтски план“ за да му помогне на фудбалерот да помине период на рехабилитација поради неговата зависност од коцкање.
Италијанскиот фудбалер летово се пресели од Милан во Њукасл за 70 милиони евра. Тонали е вториот играч кој е санкциониран во оваа афера, откако пред него на седум месеци беше суспендиран играчот на Јувентус, Николо Фаџоли.


