Претседателот на Ферари, Џон Елкан изјави дека неговиот тим нема да биде конкурентен во наредните две сезони.
Иако Елкан признава дека Формула 1 тимот многу заостанува зад конкурентот Мерцедес, тој има целосна доверба во првиот човек на екипата, Матија Биното.
Ферари и оваа сезона ја започна многу лошо, двајцата возачи Себастијан Фетел и Шарл Леклер се далеку од фаворитите за триумф и се чини така и ќе остане во наредниот период.
– Денеска ги поставуваме темелите на тоа да станеме компетитивни и да се вратиме на победувањето кога ќе се сменат правилата во 2022 година. Убеден сум дека ќе се вратиме на победите. Биното има карактеристики и способности за да покрене нов победнички циклус – изјави Елкан за „Газета дело Спорт“.
Елкан напоменува дека треба да се верува во Биното бидејќи тој беше дел од тимот на Ферари од 2000-тите години кога доминираа на Ф1 преку Михаел Шумахер.
– Пред нас е долг пат. Кога Жан Тод го започна историскиот циклус од пет титули по ред во 2000-тите, таму дојдовме по пост од повеќе од 20 години. Ни беше потребно време за Ферари да се врати на победичките патеки. Затоа сега ќе работиме чекор по чекор и ќе го вратиме Ферари на позицијата која му припаѓа, на врвот – додава Елкан.
Тимот од Маранело оваа година ја започна со болид кој е за повеќе од една секунда поспор по круг од доминантните Мерцедеси кои победија на сите три трки.