Фехми Стафа / Фото: МИА / архива

Фехми Стафа, кој беше дел од „судирот“ за конфискација на имотот на Сеад Кочан, сака да биде член на Судски совет

Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа кој беше дел од правниот судир за конфискацијата на имотот на бизнисменот Сеад Кочан за случајот „Трансмет“, а сега е адвокат и на еден од контроверзните бегалци, Љупчо Пецов – Ѓаволот осомничен за финансиски криминал, сака да биде член на Судскиот совет, на местото на Селим Адеми чиј мандат истече.

На денешната седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на дневен ред е утврдување предлог за избор на член на Судскиот совет и објавени се биографиите на десетмина кандидати што се пријавиле на јавниот оглас.

Интерпелации на членови на Судски совет – Весна Дамева прва на удар во Собрание

Прв е Стафа, додека другите кандидати се релативно непознати за јавноста, Аљбан Кадриу, дипломиран правник со положен правосуден испит од Тетово, Ганимете Беџети Исмаили, дипломиран правник со положен правосуден испит од Гостивар, Феузи Џафери, адвокат од село Чајле Гостивар, Мони Авзији, дипломиран правник со положен правосуден испит од село Долно Палчиште, Боговиње, Ведат Салихи, дипломиран правник со положен правосуден испит од село Арачиново, Демир Хамити, дипломиран правник со положен правосуден испит од Чајлане Скопје, Арбер Исаку, дипломиран правник со положен правосуден испит од Тетово, Сeјфула Османи, дипломиран правник со положен правосуден испит од Гостивар и Зоран Петковски, дипломиран правник со положен правосуден испит од Кратово.

Еден од кандидатите, Ведат Салихи беше пријавен и на конкурсот за член на Советот на јавни обвинители, а последно работел како истражител во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Но, од сите пријавени најпознат е Стафа, кој беше разрешен во 2022 година на владина седница откако поднесе неотповиклива оставка. Тој беше во судир со поранешните обвинители на СЈО, Гаврил Бубевски и Артан Ајро за тоа што државата не го конфискуваше имотот на Кочан. Минатата власт најавуваше дека конфискацијата ќе го „сврти“ бројчаникот над 14 милиони евра.

Судскиот совет уште пред две години утврди пропусти во конфискацијата, во судските постапки за конфискација на „Трансмет“ во случајот „Труст“ придонел дел од имотот, кој бил стекнат со кривични дела, да се продаде пред да го преземе државата.

Ѓаволот се шета низ Скопје и по болници, а МВР го бара со меѓународна потерница

Најмногу пропусти имало во Обвинителството и Државното правобранителство, а извештајот беше испратен во Обвинителството и во Државното правобранителство.
Слични наоди потврди и антикорупциската комисија која објави десетици фирми вмешани во земањето и криењето на конфискуваниот имот.

Од Обвинителството велат дека конфискацијата на „Трансмет“ не е неуспешна, имотот бил запишан на име на државата, а предмет водело Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Последно Стафа беше актуелен како адвокат на Ѓаволот откако побара, иако официјално бил надвор од Македонија, да му биде одредена поблага форма. Кривичен го одби неговото барање, Министерството за внатрешни работи немаше информации дека го лоцирале Ѓаволот, иако Обвинителството им достави докази дека бил во Македонија.

Адеми беше избран од Собранието, од редот на истакнатите правници, но сега иако се најавуваа построги критериуми за избор на нови членови со новиот Закон за судски совет, на местото на Адеми ќе се избере член според стариот Закон. За избор на новиот член ќе треба Бадинтерово мнозинство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот