Фатмир Битиќи - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Фатмир Битиќи - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Фатмир Битиќи: Не е време за препукување, туку за делување и нов концепт на СДСМ

На претстојниот конгрес во јануари, Битиќи очекува дека ќе биде осознаен новиот концепт на делување на СДСМ, со широка поддршка на делегатите и на членството на конгресот

СДСМ излезе со нови кадровски решенија во партијата. На списокот го нема пратеникот Фатмир Битиќи кој беше вицепремиер за економски прашања. Но, во разговорот за „Слободен печат“, тој вели дека не е важно кој на каква позиција ќе се најде, туку како сите заедно ќе допрат до граѓаните и како ќе застанат во одбрана на демократијата.

– Јас сметам дека исправниот начин на гледање на политичкото опкружување во овој момент не е на гледање од призма на поединец – дали јас ќе се најдам во раководна позиција. Во суштина во овој момент се наоѓаме на една голема политичка раскрсница, политичко премрежие во Македонија, власта на автократен начин се обидува да ја цензурира опозицијата, дури ќе кажам дека сме на праг на политички прогон на сите неистомисленици и прашањето е како ќе се поставиме наспроти овој момент, а не како ќе се поставиме лично во одредената политичка партија – вели Битиќи.

Тој потенцира дека е социјалдемократ по уверување и дека ќе остане како таков да се бори за идеалите на социјалдемократијата.

Во однос на негодувањата што беа јавно изразени, меѓу кои и она на поранешниот градоначалник и функционер од СДСМ Петре Шилегов кој побара оставка од лидерот на партијата Венко Филипче, Битиќи вели дека не е време за препукување, а за различните ставови имам место каде што може да се дискутира.

– За жал сметам дека не е добар моментот да има препукување на истомисленици, неистомисленици за одредени кадровски решенија, сметам дека партиските органи и партиските форуми се место каде треба да се разговара за секое едно отворено прашање, па вклучувајќи и кадровски прашања. На крајот на денот, не треба да заборавиме дека сите ние сме таму луѓе кои докажале дека социјалдемократските вредности ни се над сè, и сме покажале дека секогаш не ни е битна позицијата. И затоа сметам дека и другарот Петре Шилегов и други другари коишто искажуваат одредени несогласувања – има простор кај што тоа може да го кажеме, а тоа е претстојниот конгрес на кој, јас барем, имам очекувања дека ќе биде осознаен новиот концепт на делување со широка поддршка на делегатите и на членството на конгресот – вели Битиќи.

Следниот конгрес на партијата е закажан за јануари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот