Европската побарувачка лани ја спаси продажбата на кубански пури
Кубанскиот производител на пури „Хабанос“ објави скромен раст на приходите во 2022 година благодарение на европската побарувачка што го ублажи влијанието на пандемијата и уништувањето од ураганот Иан.
Препорачано
„Хабанос“ објави дека нивните приходи се зголемиле за два отсто минатата година, на 545 милиони долари. Скромниот раст го одразува континуираното влијание на пандемијата врз побарувачката и последиците од уништувањето на ураганот Иан минатиот септември во главниот производствен регион, на островот Пинар дел Рио.
Европа и понатаму е главен извор на побарувачка за кубански пури, со повеќе од половина од продажбата. По неа следат азиско-пацифичката зона со учество од 19 отсто, Америка со 15 отсто и Африка и Блискиот исток со 12 отсто, додаде Лопез.
Во Европа, продажбата се зголеми главно во Шпанија, Франција и Германија. Во Азија, Кина исто така стана важен пазар, лидер во продажбата во тој регион. Компанијата објави дека има 40 отсто удел на глобалниот пазар на премиум тутун и 80 отсто удел на пазарот на пури.
„Хабанос продолжува по патот на раст што веќе му го покажа на светот во изминатите години“, рече на прес-конференција потпретседателот за развој Хозе Марија Лопез.
Брендовите за пури „Хабанос“ како и „Кохиба“, „Монтекристо“ и „Партагас“ се продаваат во 140 земји на пет континенти, со исклучок на САД, кои воведоа економско ембарго на Куба пред повеќе од 60 години.


