Европа сака заедничка берза и борба со Волстрит
Германскиот канцелар Фридрих Мерц повторно е во центарот на вниманието на европската политичка и финансиска сцена, силно залагајќи се за воспоставување единствен европски берзански пазар. Тој ја направи оваа иницијатива приоритет, со цел зголемување на конкурентноста на европската економија на глобално ниво, како одговор на доминацијата на американскиот пазар на капитал, популарниот Волстрит.
Препорачано
Според извештаите на „Фајненшл тајмс“, во говорот во Бундестагот во септември, Мерц јасно истакна дека европските компании, како што се германските биотехнолошки компании, не треба да бидат принудени да бараат финансирање на американските берзи, туку им е потребен широк и длабок простор на пазарот на капитал во самата Европа за побрзо и подобро финансирање, пишува порталот poslovni.hr.
Покрај Мерц, Марио Драги, поранешен претседател на Европската централна банка, ја нагласи важноста од формирање унифициран надзор над пазарот на капитал. Тој ја спореди потребата од такво тело со Комисијата за хартии од вредност на САД (SEC).
– Потребно е да се воспостави силен и унифициран надзор над европските пазари на капитал, кој би бил споредлив со Американската комисија за хартии од вредност. Само таков интегриран надзор може да обезбеди конзистентна регулација, да ја намали фрагментацијата на пазарот и да создаде услови за одржлив и конкурентен раст на европската економија – рече Драги.
На крајот на август, во својот говор во Римини, Драги ја нагласи потребата од радикална реформа:
– Европа мора да престане да биде група земји-членки кои дејствуваат поинаку, туку треба да стане федерација со ефективна координација во донесувањето одлуки. Потребна е радикална промена на политиките и поголема политичка координација за да можеме да го одржиме нашиот општествен модел, да бидеме технолошки лидер и независен актер на глобалната сцена.
Германија ја интензивираше соработката со Франција во рамките на проектот на ЕУ за Унијата на пазари на капитал (CMU). Берлин е подготвен да префрли дел од регулаторните овластувања од националната агенција BaFin на Европскиот надзорен орган на финансискиот пазар (ESMA) со седиште во Париз, што симболизира германска доверба во европските надзорни институции.
Француската агенција AMF силно ја поддржува унифицираната супервизија на пазарите на капитал, особено на клучните финансиски инфраструктури како што се берзите и учесниците во централното клиринг (CCP), со цел воспоставување унифицирани стандарди. Европската комисија работи на предлози што дополнително би ги зајакнале овластувањата на ESMA во супервизијата на платформите за тргување и централните депозитари. Сепак, според извештаите од „Ројтерс“ и „BBC Business News“, Берлин е претпазлив во проширувањето на надлежноста на ESMA на пазарот на криптовалути, поради специфични регулаторни предизвици. Француската регулаторна агенција AMF силно се залага за централизирана регулација на крипто пазарот на ниво на ЕУ, со цел да се спречи таканареченото „регулаторно купување“ меѓу членовите, додека Германија пристапува кон овој сегмент повнимателно.
Стефан Бужна, извршен директор на „Euronext“, отворено го поддржа префрлањето на надзорните овластувања на ESMA, нагласувајќи дека ова ќе ги реши постојните регулаторни разлики и ќе овозможи конечна консолидација на европскиот пазар на капитал. Дојче берза, водечкиот германски оператор на берза, сè уште не зазел јасна позиција за консолидација или централизиран надзор. Во својот официјален полугодишен извештај за 2025 година, „Дојче берза“ предупредува на низок интерес кај инвеститорите, што дополнително ја комплицира консолидацијата на фрагментираниот европски пазар.
Грегор Потмаер, главен финансиски директор (CFO) на „Дојче берза“, нагласи дека моменталната неизвесност и фрагментација на пазарот, заедно со нискиот интерес на инвеститорите, претставуваат пречки за консолидација и ефикасност на финансиската инфраструктура на Европа. Тој истакна дека координацијата е клучна за стабилноста и конкурентноста на пазарот на капитал на ЕУ.
Иницијативата на Мерк претставува важен чекор во долгорочниот процес на финансиска интеграција на Европа, каде што постои сè поизразен консензус за важноста на зајакнувањето на пазарот на капитал со цел да се натпреварува со глобалните лидери.


