Европа е невротично анксиозна кон муслиманите

epa07953713 Veiled women hold posters reading 'Stop Islamophobia' as people and members of anti-racism associations gather to protest against Islamophobia at the 'Place de la Nation' in Paris, France, 27 October 2019. A debate about mothers wearing the Muslim headscarf in school outings has sparked across France since right-wing opposition parties' bill to prohibit mothers of students from wearing religious signs during school activities. EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Група луѓе во Европа имаат патолошка нервоза кон религијата на исламот и, следствено, кон муслиманите, а и двете ги сметаат за закана за нивниот опстанок и безбедност

Дискурсите насочени кон муслиманските малцинства како дел од наративите за омраза што се појавуваат во Европа, со еден сеопфатен пристап, започнаа да се насочуваат кон религијата на исламот. Голем број прашања што се дефинираат и дискутираат под превезот на „судир на вредности“ се претворени во отворено непријателство кон исламот, при што странците муслимани претставуваат мошне непосакуван елемент во „европскиот дом“.

Ова непријателство и агресија, чија големина повикува на реконцептуализација на поимот „исламофобија“, сега се перцепира како нова форма на антисемитизам, насочена кон исламот и неговите следбеници.

Перцепцијата за „непријател“, изградена врз наративите на омраза кон исламот и муслиманите – две омрази што, всушност, се хранат една со друга – ги стигматизира муслиманите како „инфериорни“, ги става во центарот на ксенофобичен, агресивен и неорасистички говор на омраза, што потоа се инструментализира од крајно десничарските политички партии и радикални групи во Европа. Антиисламските инциденти што избија еден по друг, особено во Норвешка, Шведска, Германија, Велика Британија и Франција, исто така ја откриваат – преку наративи за омраза што прераснале во неорасизам – патолошката невротична вознемиреност што ја разви група луѓе и несигурноста за состојбата на работите кои произлегуваат од оваа вознемиреност. Ваквите напори за маргинализација и популистичките наративи што се појавија со крајно десничарски партии во Европа се прифатени од одредени сегменти на популациите, но социо-психолошката позадина на ова прифаќање честопати се занемарува.

Антиисламизам во Европа

Антиисламските провокативни акти започнаа да се зголемуваат во Европа на крајот на август 2020 година, откако Расмус Палудан, водачот на крајнодесничарскиот „Страм курс“ („Тврда линија“), запали копија од Куранот во Малме, Шведска. По зголемената тензија меѓу муслиманите и екстремно десните групи во Шведска, крајно десничарска група во Осло, Норвешка, исто така член на „Стоп за исламизација на Норвешка“ (СИАН), предизвикаа широко распространети протести, кинејќи ги страниците на Куранот и навредувајќи ги исламот и Куранот. Потоа, искинатите и запалени страници на Куранот, испишани со говор на омраза и закани, заедно со парче сланина беа оставени пред џамија во Шведска. Објавата на францускиот магазин „Шарли Ебдо“ на некои од озлогласените карикатури публикувани во Данска во 2005 година, уште еднаш докажа дека непријателството е насочено кон самиот ислам. Тензијата, дополнително засилена со описот на францускиот претседател за исламот како „религија во криза“, покажа и како антиисламската приказна постојано се обновува од популистичките политичари како пропагандна алатка.

Сите овие случувања го илустрираат новиот бран на културолошки расизам (неорасизам) или антиисламизам во Европа.

Популистичката политика, која никогаш не престанува да биде во центарот на вниманието во „ерата на неизвесност и вознемиреност“, продолжува да напредува во согласност со „духот на времето“. Социо-психолошката позадина на популистичката политика, која честопати се игнорира во многу коментари, го остава засенето социјалното тло на политичките наративи, кои континуирано го репродуцираат антиисламизмот. Во оваа социјална база нема обична вознемиреност во врска со религијата на исламот, а нивните екстремни нервози произлегуваат главно од недостаток на свесност за доктрините на религијата на исламот, односно непознавањето на самата религија.

А верските права на муслиманите?

Првиот и најкритичен фактор што предизвикува невротична вознемиреност кај овие луѓе е тоа што тие постојано носат произволни судови за исламот, и покрај тоа што не знаат ништо за тоа во реалноста, обидувајќи се да го врамат исламот во тесни стереотипи. Затоа, таа група луѓе, тврдејќи дека самите знаат најдобро, и покрај очигледниот факт дека не знаат – дури и не знаат дека не знаат – спаѓаат во категоријата на „сложено незнаење“ од сите видови незнаење. Тоа е најважната точка што треба да се нагласи; бидејќи врз таква основа се крева цела градба на непријателство, што ја докажува универзалната максима дека „Луѓето се непријатели на она што не го знаат“.

Група луѓе во Европа имаат патолошки невротични реакции за религијата на исламот и, следствено, за муслиманите, а и двете ги сметаат за закана за нивната физичка безбедност. Покрај тоа, агресијата што ја покажуваат поради неспособноста да се справат со својата вознемиреност, открива дека видот на вознемиреност што го доживуваат не е секојдневен.

Муслиманите се принудени да бидат отворени за критика на своите верувања, додека, во меѓувреме, нивните слободи се игнорираат. Иако овие прашања се решаваат во рамките на слободата на говорот, слободата на печатот и критиките, најосновните права на муслиманите, како што се „слободата на религијата и совеста“, се кршат. Покрај тоа, додека муслиманите и доктрините на исламот се мета на насилни, понижувачки и исмејувачки акти, и сите правни импликации на овие дела се игнорираат.

Стереотипи и ароганција

Постојат неколку основни причини зошто муслиманите започнаа да се поврзуваат со насилство и тероризам по 11 септември 2001 година, и зошто постои толку силна тенденција за омраза, која оттогаш до денес се претвори во антиисламизам.

Првата причина е присуството на луѓе што се идентификуваат како муслимани, кои се склони кон насилство поради погрешно толкување на религијата, а нивните насилни постапки немаат никаква врска со исламската вера. Овие групи на луѓе што се склони кон насилство, воопшто не ги претставуваат исламските вредности и предизвикуваат погрешно перцепирање на религијата, а претставуваат ментален склоп против кој мора да се борат сите муслимани.

Друга причина е ставот на Европа што е целосно натопен во предрасуди, маргинализирачки и арогантен, кон муслиманите; без да го разберат исламот, тие сите муслимани ги „вкалапуваат“ во иста категорија и ги стереотипизираат и стигматизираат со такви поими како „тероризам“, „неразвиеност“, „склони кон насилство“ и „инфериорност во однос на европските вредности“.

Покрај тоа, јасно е дека одредени сегменти од европските општества, кои се чини дека го заборавија своето антисемитско минато, денеска се непријателски расположени кон исламот во поширок опсег (непријателство кон религијата, а не раса), непријателство што е предизвикано од невротична вознемиреност.

Невротична анксиозност

Самиот израз исламофобија, што се состои од зборовите „ислам“ и „фобија“, веќе не е доволен да ги објасни ужасните напади врз светите елементи на исламот. Киеркегор вели дека вознемиреноста нема предмет додека го опишува стравот како вистинска и специфична закана. Со други зборови, луѓето имаат тенденција да се грижат за работи без тие реално да постојат, исто како што тоа го прават во случајот со Европа. Сепак, постојат различни степени на вознемиреност. Додека нормалното ниво на вознемиреност е присутно кај сите луѓе поради постојаната веројатност за физички и егзистенцијални закани по животот, невротичната анксиозност не е проширена кај сите. Луѓето со нормално ниво на вознемиреност може да ги препознаеме во описот на Хафез-е Ширази, легендарниот ирански суфи-поет од 13 век (автор на „Срцето: капка крв и илјада грижи“), кои можат конструктивно да се спротивстават на ваквите грижи, со толеранција и отвореност за промени.

Што се однесува до невротичната анксиозност, таа генерално се забележува кај луѓе кои ги доживуваат другите како опасност за нивното постоење. За овие луѓе, кои немаат рефлексивна перцепција за себе, не е важно дали е навистина загрозено нивното постоење или не. Она што го сметаат за важно е искуството што произлегува од нивното високо ниво на вознемиреност и верувањето дека самото нивно постоење е во опасност.

Каде оди Европа?

Психоаналитичарот Р. Д. Леинг ја опишува оваа патолошка вознемиреност како состојба на група на шизоидни и шизофренични пациенти, кои „перцепираат многу луѓе како опасност за нивното постоење“. Пред опасностите, кои можат да бидат во различни форми во текот на нечиј живот, лицата со невротични анксиозности, за разлика од оние со толерантно ниво, се претерано реактивни заради неможноста да воспостават контрола и се во состојба која не прифаќа каква било форма на промена.

Карен Хорни, пак, вели дека луѓето што веруваат дека нивните чувства на онтолошка безбедност се во опасност, се чувствуваат беспомошни и ги прогласуваат луѓето за кои мислат дека го предизвикуваат овој нивен очај како „непријатели“. Додека невротичните анксиозности и реакциите кои најчесто се поврзани со нив, кои се многу субјективни и дефинитивно не можат да се генерализираат, беа опишани од Пол Тилич со земање на нацистите како пример, Роло Меј ја поврзува оваа патолошка вознемиреност со појавата и растот на фашизмот.

На тој начин популистичкиот екстремно десничарски наратив во Европа наоѓа поддршка во заедниците. Овие невротични нервози, кои започнаа како непријателство кон муслиманите, сега прераснаа во отворен антиисламизам или со целосно непријателство кон исламот.

Главното прашање што треба да се постави е: каде оди Европа, која своето единство некогаш го градеше врз наративот за холокаустот, за сега тој да се реконструира врз наративите на омраза кон исламот? Ако не може да се постави правилна дијагноза, ваквите случувања ќе доведат до неуспех да се најде соодветната форма на лекување.

Преземено од „Анадолу агенција“ од Анкара

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот