Спортинг е следниот предизвик за Еурофарм Пелистер во Лигата на Европа
Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва (20.45 часот) му гостуваат на Спортинг Лисабон, лидерот во групата Д од Лигата на Европа.
Битолчани се наоѓаат во серија од две победи по ред (АЕК и Татабања) и се наоѓаат на второто место на табелата со пет бода, додека Спортинг е лидер со шест бода. Играта на португалскиот тим е добро анализирана, а ракометарите се оптимисти и веруваат во позитивен резултат.
– Имаме самодоверба и победничко чувство. Лутавме на натпреварот против Ним, но потоа ја најдовме нашата форма. Спортинг е интересна екипа, но далеку од тоа дека не можеме против нив. Игравме на нивни терен, можеби тоа е мала предност, но далеку од тоа дека не сме подготвени и дека нема да играме на победа. Целта ни е да им ги одземеме тие лесни голови и полуконтрата. Мислам дека имаме шанса и ако го исполниме договореното имаме шанса за еден или два бода – вели левиот бек Немања Обрадовиќ.
Во споредба со претходниот натпревар против Татабања, тренерот Жељко Бабиќ направи една промена во ростерот. Во тимот се враќа левото крило Бојан Маџовски, додека за вечерашниот натпревар отпадна левиот бек Дејан Кукуловски кој настапи на претходниот натпревар. Во Битола останаа и Филип Ивановски и Мирко Радовиќ.