Фото: EPA/OLIVIER MATTHYS

ЕУ останува наша цел, но патот станува сѐ подолг

Спротивставените позиции на премиерот Христијан Мицкоски и на опозицискиот СДСМ ја продлабочуваат политичката поларизација околу евроинтеграциите. Во меѓувреме, ставовите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упатуваат на тоа дека процесот зависи и од техничките капацитети и од политичката волја.

Политичката дебата околу евроинтеграциите повторно се интензивира, со јасно зацртани и спротивставени позиции меѓу власта и опозицијата. Последните изјави на премиерот Христијан Мицкоски, на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на опозицискиот СДСМ и на лидерот на Беса, Билал Касами, ја отсликуваат комплексноста на процесот, кој во моментов е блокиран помеѓу политички условувања и институционални ограничувања.

Во основа, позицијата на Владата е јасно дефинирана – напредок кон Европската Унија нема да има без гаранции за македонскиот идентитет и за правата на македонското малцинство во Бугарија. Оваа линија, како што ја артикулира Мицкоски, значи отсуство на подготвеност за компромис во делот на уставните измени доколку не се обезбедат дополнителни политички гаранции.

„Идентитетот не е на продажба“

Таквиот пристап ја позиционира Владата во дефанзивна стратегија, насочена кон одложување на процесот сè додека не се променат условите.

– Начинот на кој СДСМ ги гледа евроинтегративните процеси е исклучиво распродавање на македонскиот идентитет и удар врз ткивото. Тоа е мекото ткиво на македонскиот идентитет и со такви политики се загрозува стратегијата што ја градиме како Влада. Сите во светот треба да знаат дека таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не бидува. Нема да влеземе во каква било авантура сè додека нема јасен крај и гарантирани човекови права за македонската заедница кај нашиот источен сосед. Нема да се поместиме ни милиметар. Ќе чекаме. Македонскиот идентитет нема веќе да биде распродаван – порача Мицкоски.

Претседателката е оптимист

Од друга страна, претседателката Сиљановска-Давкова нуди понијансирана перспектива, при што го става акцентот на техничката подготвеност на државата.

Таа укажува дека, според реформските капацитети и спроведениот скрининг, земјата е меѓу најподготвените кандидати за членство, веднаш по Црна Гора.

Нејзиниот став индиректно сугерира дека главната пречка не е внатрешна, туку политичка и поврзана со билатерални условувања кои излегуваат надвор од класичните критериуми на Европската Унија.

– Јас мислам дека ние, по Црна Гора, ако се споредуваме технички, сме длабоко навлезени во евроатлантскиот процес, низ реформска призма. Не би можела да зборувам за кластери и за поглавја, бидејќи по првпат во историјата на ЕУ и во историјата на европската заедница се поставуваат вакви услови за да почнете преговори. Ако гледаме низ техничка призма, низ призма на скрининг на реформските капацитети, би можеле и би требало, ако има разбирање за пречката, која е надвор од европските стандарди и критериуми, многу бргу да станеме членка на ЕУ – порача претседателката.

СДСМ: Голем е ризикот

Премиерот Христијан Мицкоски денеска го потврди предавството на македонските национални интереси. Тој денеска потврди дека не сака земјата да влезе во ЕУ и дека ќе ја држи во изолација подалеку од Европа, рече лидерот на СДСМ Венко Филипче на вчерашниот брифинг со новинари.

– Тоа значи дека нема никакви реформи, дека нема никаква контрола од Европа и тоа според него, ако треба ќе трае и децении. Ова сега е потврда за сето тоа што го зборувавме изминатиот период. Тој сака да ги држи како заложници идните генерации, децата, сите граѓани. Зошто? За да можат неконтролирано да прават грабеж на народните пари преку тендери. Зошто е предавство на македонскиот национален интерес? Бидејќи македонски национален интерес е членството во НАТО и во ЕУ. Во НАТО успеавме да ја обезбедиме безбедноста на земјава на нашите граници, а премиерот зборува дека некако е загрозен националниот интерес. Како е загрозен? Тоа што станавме членка на НАТО е загрозување на националниот интерес? – рече Филипче.

Тој предупреди дека ако сега не се направи чекор ризикуваме да го изгубиме моментот на проширување.

– Има прогрес во преговорите кај Црна Гора и Албанија. Очигледно е дека и поради геостратешки интерес на самата ЕУ вратата е ширум отворена. Не знаеме дали во иднина условите ќе бидат еднакви како и сега. Не знаеме ни дали воопшто ќе имаме можност да направиме чекор кон ЕУ – изјави Филипче.

Касами: Сѐ е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ

Во рамките на парламентарната математика, изјавата на Биљал Касами додава дополнителна димензија.

Со оглед на тоа што уставните измени бараат двотретинско мнозинство, посочи тој, позицијата на ВМРО-ДПМНЕ како партија со значителен број пратеници практично ѝ дава можност да го блокира или да го овозможи процесот.

– Уставните измени нужно зависат од партијата што има над 40 пратеници. Во овој случај тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи измените бараат двотретинско мнозинство, секоја партија што го исполнува овој услов може да каже дека процесот зависи од неа. Што се однесува до евроинтеграциите, тоа е двонасочен процес што зависи еднакво и од Скопје и од Брисел – изјави Касами.

Во таков контекст, Македонија се наоѓа меѓу две паралелни реалности: техничка подготвеност за напредок и политичка блокада на процесот. Разрешувањето на оваа состојба ќе зависи од повеќе фактори: од внатрешниот политички консензус, преку односите со Бугарија, до подготвеноста на Европската Унија да понуди механизми што би ја намалиле неизвесноста.

Оттука, тековната дебата не се сведува само на прашањето „дали“ и „кога“ ќе продолжат евроинтеграциите, туку и на условите под кои тие ќе се одвиваат, како и на рамнотежата помеѓу националните позиции и европските очекувања.

Зад затворени врати се бара излез од ќор-сокакот со ЕУ

Нема гаранција дека Бугарија нема да ја блокира Македонија во преговорите, вели италијанскиот амбасадор

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот