Фото: Pexels

ЕУ им стави крај на „дивите“ апартмани, Македонија губи и до 150 милиони долари поради нелегалните издавања на „Букинг“ и на Ер-би-ен-би

Со новата регулатива, онлајн платформите ќе мора да доставуваат извештаи за сите резервации што се направени преку нив, директно до државите

Европската Унија официјално почна со примена на новите правила за дигиталните платформи за краткорочно изнајмување сместувачки капацитети, со што Букинг и Ер-би-ен-би и останатите онлајн сервиси влегуваат под значително построга контрола. Новата регулатива, која веќе се оценува како историски чекор во европскиот туризам, има за цел да стави крај на нерегистрираното издавање сместување, неплаќањето туристички такси и сивата економија која со години расте паралелно со експанзијата на дигиталните платформи.

Според македонските туристичките експерти, ова претставува пресвртница која директно ќе влијае врз намалување на сивата економија, подобрување на безбедноста и создавање еднакви услови помеѓу хотелите и приватните издавачи. Станува збор за Регулативата (ЕУ) 2024/1028, со која секоја земја членка ќе мора да воспостави единствен дигитален систем за регистрација на домаќини и сместувачки капацитети, додека платформите ќе бидат обврзани редовно да доставуваат податоци за трансакции, број на ноќевања и активности на домаќините до државните институции.

Доц. д-р Љупчо Јаневски ексдиректор на Туристичката комора за „Слободен печат“ вели дека Европската Унија практично создава целосно нов модел на управување со туристичките платформи.

-Европската Унија дополнително ги регулира односите на дигиталните платформи и законската легислатива, создавајќи исти услови во туристичката индустрија помеѓу хотелите и останатите сместувачки капацитети. На овој начин, покрај издавачите на станови и апартманите, се регулираат сите приватни сместувачки капацитети, при што државата добива комплетна контрола – вели Јаневски.

Тој потенцира дека новите европски правила значително ќе го намалат просторот за нелегално работење.

-Онлајн платформите мораат да доставуваат извештаи до државите за сите трансакции, провизии и број на ноќевања, генерално и поединечно, што директно го стеснува просторот за сивата економија во туристичката индустрија на ЕУ – посочува Јаневски.

Според него, Македонија со години доцни во дигитализацијата на туристичкиот сектор, а воведувањето на системот Е-туризам станува неопходност.

-Ова е уште еден доказ дека барањата за создавање и воведување на дигитализацијата преку платформата е-туризам се круцијални и потребни за регулирање на светските платформи и намалување на сивата економија која според Светската туристичка организација во Македонија изнесува помеѓу 45 и 50 проценти од сите плаќања – нагласува тој.

Јаневски предупредува дека државата моментално не контролира огромен туристички промет.

-Можеме да замислиме дека државата во овој момент не регулира околу 120 до 150 милиони долари туристички промет кој не е оданочен – додава тој.

Според неговите анализи, воспоставувањето на целосна туристичка структура, Национална туристичка организација, туристичка инспекција и туристичка полиција би овозможило намалување на нелојалната конкуренција, нови инвестиции и значително зголемување на регистрираните ноќевања.

-Истражувањата покажуваат дека околу еден милион ноќевања годишно се реализираат преку кеш-плаќања и онлајн платформи без целосна контрола – посочува Јаневски, додавајќи дека институциите мора побрзо да ги следат светските туристички трендови.

Сличен став има и Крсте Блажевски од ХОТАМ, кој смета дека новите правила конечно ќе воведат ред во секторот на приватното сместување.

-Досега немаше евиденција на гости, не се плаќаше туристичка такса, не се гарантираше безбедност на станарите во зградите каде што се издаваа апартмани – вели Блажевски.

Тој нагласува дека новите правила носат придобивки не само за туристичкиот сектор, туку и за граѓаните.

-Со новите правила се зголемува сигурноста во зградата во која живеете, ќе се знае кој го користи станот, ќе има евиденција на туристи, ќе се плаќа туристичка такса и секој турист ќе го плати тоа што треба да го плати – истакнува Блажевски.

Новата европска регулатива предвидува платформите како „Ер-би-ен-би“ и „Букинг“ задолжително да проверуваат дали сместувачките капацитети имаат валиден регистрациски број. Огласите што нема да ги исполнуваат условите ќе бидат отстранувани, а националните власти ќе имаат право да суспендираат или да повлечат регистрација доколку се утврдат злоупотреби или нелегално работење.
Европската комисија ја предложи регулативата уште во 2022 година, откако бројни европски градови предупредија дека масовното краткорочно изнајмување влијае врз цените на домувањето, создава дополнителен притисок врз инфраструктурата и отвора простор за непријавен туристички промет.

Без регистрација нема изнајмување — ЕУ од денес воведе нови правила за Ер-би-ен-би и за „Букинг“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот