Меѓународен форум за енергетика и одржлив развој / Фото: Фејсбук

Енергетската стабилност не е веќе само економско, туку и безбедносно прашање

На форумот кој ќе трае три дена ќе дискутираат околу 500 претставници од 70 земји од светот, а најважно е потпишувањето на Декларација Скопје, документ кој ќе остане како трајно сведоштво за решеноста дека енергетската транзиција може да биде поправедна.

Енергетската отпорност денес значи дека системот е подготвен да издржи, да се прилагоди и да делува стабилно и во услови на геополитички потреси. Зависноста од еден извор или снабдувач е ризик од минатото, иднината припаѓа на диверзифицирани и сигурни енергетски решенија, а енергетската транзиција бара визија и подготвеност да се инвестира во решенија на долгорочни патеки, порача Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини во поздравниот говор на отворањето на 14 Меѓнароден форум за енергија за одржлив развој. На форумот кој ќе трае три дена ќе дискутираат околу 500 претставници од 70 земји од светот, а најважно е потпишувањето на Декларација Скопје, документ кој ќе остане како трајно сведоштво за решеноста дека енергетската транзиција може да биде поправедна.

-Во оваа нова ера, технологијата и вештачката интелигенција се нашиот сојузник и тие ќе ни помогнат да ја предвидиме потрошувачката и да изнајдеме одржливи решенија. Енергетската транзиција не е трка меѓу државите, туку заедничко патување, а сите заедно може да изградиме почисти и постабилни системи. Нашата улога како држава е да обезбедиме оваа транзиција да биде фер и одржлива. Затоа и го градиме интерконекторот со Србија и Грција и ја модернизираме енергетската мрежа. Македонија има потенцијал и на луѓе и на институции, кои сакаат да се докажат, а тоа е и суштината на оваа конференција – да преминеме од зборови во дела – порача Божиновска.

Армен Григоријан, постојан претставник на ОН во Македонија, посочи дека овогодинешниот Форум доаѓа во период на големи геополитички ризици и мора да препознаеме дека енергетската сигурност и климатските промени се двете страни на истата медала.

-Одржливата енергија е камен темелник на нашата колективна одржлива иднина. Нашата цел е да им обезбедиме на 500 милиони луѓе ширум светот сигурно доставување на енергија и да развиваме регионални партнерства. Суштинската цел на овој Форум е да можеме да инвестираме во прекуграничното складирање на енергијата за да обезбедиме енергетска независност, но прво е најважно да се развие пазарот, за да имаме пониски трошоци. Време е во фази да се исфрлат електраните кои работат на јаглен и да се зголемат капацитетите за одржлива енергија. Сакаме да ги прикажеме механизмите за поголема енергетска отпорност, но мора да обезбедиме користење и на дигиталните податоци на вештачката интелегенција кои ќе ни обезбедат реални докази за енергетските системи да станат поотпорни. А со тоа ќе се оптимизира секој киловат и ќе се капитализира ефектот од секоја инвестиција, без притоа да заборавиме и на луѓето кои ја водат оваа транзиција – истакна Грегоријан.

И извршната секретарка на Економската комисија на ОН за Европа (УНЕЦЕ),Татијана Молчан, се согласи дека е поставена многу важна тема на овој форум, а тоа е напојувањето на иднината со одржлива енергија.

-Денес се наоѓаме на крстопатот за мултилатеризација на енергијата, што претставува голема одговорност, бидејќи мора да градиме отпорни системи и да обезбедиме праведна транзиција во која никој нема да биде заборавен. Нашата цел е да најдеме практични решенија за споделување на националните стратегии, да прикажеме иновативни решенија и да обезбедиме финансиски механизми за да бидеме ефективни чинители – додаде Молчан.

Поздравувајќи ги присутните, премиерот Христијан Мицкоски порача дека е горд што Македонија е центар на светската дебата за иднината на енергијата, а светот нè гледа како земја која ја поодржува агендата за одржлив развој.

-Ова е нашата прилика да покажеме дека земја со мала површина може да има големо влијание, со јасно визионерство и со значителни инвестиции во обновливите извори на енергија. Како човек кој самиот доаѓа од енергетскиот сектор, добро знам колку е важно тоа чувство на постојано движење, на промена и на одговорност. Затоа енергетиката е поставена високо на државната агенда – не како техничко прашање, туку како национален приоритет и државна стратегија. Енергетската транзиција изгледаше недостижна, скапа, бавна. Но, ние ја правиме возможна. Секој соларен панел, секоја ветерница, секоја нова електрана што работи на чиста енергија – тоа е дел од нашата современа борба за независност. Светот денес се менува со забрзано темпо.

Она што порано значеше сигурен снабдувач, денес значи флексибилен систем, отпорен пазар и чисти извори на енергија. Енергетската стабилност не е веќе само економско, туку и безбедносно прашање. Глобалните турбуленции нè потсетуваат дека енергетската независност е услов за економска слобода, рече Мицкоски и додаде дека нашата Влада стои цврсто зад реформите што ги спроведува Министерството за енергетика, но уште поважно – ја гради врската меѓу политиката и визијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот