Експертитe советуваат: Еве како можете да избегнете зголемување на килограмите за празниците и тоа со половина напор
Фитнес експертите ја споделија својата тајна за спречување на таложењето килограми за време на празниците, а таа вклучува едноставен, но исклучително ефикасен метод кој бара само половина од вообичаениот труд, пишува „Дејли мејл“.
Препорачано
Позната како „правило 50 проценти“, оваа практика подразбира пофлексибилен пристап кон исхраната и вежбањето – работејќи само половина од она што сте го планирале, но клучот е во одржувањето на доследноста.
Бројни ентузијасти за здрав живот детално го опишаа методот кој може да помогне во одржувањето на телесната тежина за време на празничниот период.
Што е всушност „правило 50 проценти“?
Џејмс Роџерс, експерт за спортови на издржливост и сертифициран тренер за трчање, објаснува дека правилото ја нагласува „достапноста“ (achievability) во рамките на познатиот акроним СМАРТ за поставување цели (Специфични, Мерливи, Достапни, Релевантни и Временски дефинирани).
– Она што е достапно и остварливо се менува во зависност од тоа што се случува во вашиот живот, а препознавањето на тоа е клучот за долгорочен успех – објаснил тој.
Тој предупреди дека луѓето кои на вежбањето му пристапуваат по принципот „сè или ништо“ честопати целосно се откажуваат, наместо да го слушаат своето тело и да останат реални.
– Слични стратегии користам со моите тркачи и во сопствениот тренинг. На пример, кога сум уморен, целта заснована на дистанца ќе ја заменам со онаа заснована на време. Наместо да кажам „денес мора да претрчам осум километри“, ќе кажам „ќе трчам 30 минути“ – објаснил Роџерс и додал дека целта на овој пристап е да се намали притисокот и да се слуша што му е потребно на телото, а истовремено да се задржат добрите навики.
– Празниците се всушност одлично време за вежбање на ваквиот начин на размислување. Гледајте на тоа како на планиран период за закрепнување во кој намерно ја прилагодувате својата рутина за да се освежите и да се наполните со енергија – предложил тој.
И 50 проценти труд е нешто
Џил Браун, сертифицирана советничка за здравје и велнес, рече дека ги подчува своите клиенти на методот 50 проценти.
– Размислувајте вака: ако планирате да вежбате шест дена во неделата за време на празниците или да јадете 120г протеини дневно, но исполните само половина, тоа е веќе победа. Стремежот кон совршенство е непријател на „доволно доброто“ и е сигурен начин да се чувствувате како да не сте успеале. Тоа е во основа исто како да ја гледате чашата како полуполна, а не како полупразна – истакнала таа.
Браун додаде дека, иако правилото 80/20 (80 проценти доследен труд и 20 проценти флексибилност) е „златен стандард“, правилото 50 проценти и понатаму е исклучително ефикасно.
– Дури и 51 процент труд нè турка напред, но со 50 проценти труд и понатаму ја држиме линијата и не назадуваме, ниту ги губиме постигнатите резултати – нагласила таа.
Одржување на формата без согорување
Фитнес инструкторката Андреа Лепико вели дека открила дека благодарение на овој метод луѓето влегуваат во новата година полни со енергија и подготвени за нови фитнес и здравствени цели.
– Го задржаа поостварливиот дел од целта бидејќи тој е намален. Со други зборови, ако сега треба да направат 5.000 чекори наместо 10.000, заштедуваат значително време. Истото важи и за тренингот за сила: 20 минути наместо 40. Иако суштината на задачата е иста, намалената цел делува поизводливо и ја зголемува веројатноста навистина да ја остварат – објаснила таа.
Лепико рече дека на крајот на денот е важно да се биде реален во очекувањата и љубезен кон себе, дури и за време на раздвижениот празничен период. Тоа вклучува и простување ако не успеете – едноставно поместете го планот и обидете се повторно, наместо да се откажете до утре.
– Ако клиентот може да исполни 40 до 50 проценти од својата цел, веројатно на крајот на месецот ќе се чувствува на истото ниво на кондиција. Најверојатно нема да забележи намалување на силата или издржливоста -нагласила таа.
Студиите покажаа дека просечниот човек во САД за време на празничната сезона се здебелува околу половина килограм. Според студија од 2016 година објавена од Националната медицинска библиотека (National Library of Medicine), само на Божиќ поединецот може да внесе и до 6.000 калории, што е трипати повеќе од препорачаниот дневен внес.
Многумина потоа се борат со губењето на вишокот килограми, кој се наталожува со години. Студија објавена во списанието „БМЈ“ откри дека тоа може да доведе до зголемување од речиси 5 килограми во текот на една деценија. Токму затоа, доследноста, дури и со само пола труд, може да направи огромна разлика.


