Helloquence / freerangestock.com/

Ексдиректорка на ученички дом во Битола обвинета за незаконски исплати, набавки без тендер и за фалсификување документи

Основното јавно обвинителство во Битола поднесе обвинение против поранешната директорка на Државниот ученички дом „Мирка Гинова“, поради сомневање за злоупотреба на службената положба, фалсификување документи и незаконски исплати. Обвинението опфаќа и прекршувања поврзани со јавни набавки и договори за работа.

Според обвинението, во текот на 2022 и 2023 година, обвинетата му овозможила на еден вработен незаконски да добие исплати за неискористен одмор, дневници и трошоци за наводни службени патувања, како и да го задржи службениот телефон по престанок на должноста. Со тоа, на домот му била нанесена штета од околу 140.000 денари.

Дополнително, таа си исплатила неоправдани трошоци од 8.176 денари за службени патувања во Србија и во Унгарија.

Обвинението наведува дека директорката склучила договор за сметководствени услуги без спроведување јавна набавка, со што друго правно лице стекнало незаконска корист од 180.000 денари.

Понатаму, таа надминала дозволен број ангажмани по договор на дело и во периодот од 2021 до 2024 година незаконски исплатила околу 1,1 милион денари, вклучувајќи договори што траеле подолго од 24 месеци без согласност од Министерството за финансии.

Обвинителството ја товари и за фалсификување патни налози и службени записи, со кои наводно се оправдувало нејзиното отсуство од работа. Во девет наврати во 2022 година, со службено возило ја напуштала земјата преку „Меџитлија“, „Ќафасан“ и „Ново Село“, а во 2024 година дури изменила страница од записникот на Управниот одбор.

Таа ќе одговара за продолжени кривични дела злоупотреба на службената положба, фалсификување исправа и прекршување на Законот за вработување во јавниот сектор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот