„Еколошкото дрво“ не издржа во нееколошкиот град под „Шара“, каде нема ниту казни за загадувачите

Еколошкото дрво поставено во форма на билборд во центарот на Тетово, веќе неколку години сведочи за негрижата на градските власти за екологијата, но и за немањето на еколошка свест на граѓаните.

“Дрвото“ кое има за цел да го прочистува воздухот во градот, односно да ги апсорбира штетните ПМ честички е речиси целосно уништено. Веќе садниците ги нема, а демолирана е и конструкцијата.

„Тука во Тетово што и да се постави во интерес на градот и граѓаните се уништува. Ова е за нас, за нашиот воздух кој секојдневно го дишиме и некој се дрзнал да го уништува и тоа во центарот на градот. Ова е оштетено веќе подолг период, откако е поставено. Градските власти ниту го одржуваа, требаше да се наводнува, но се исуши“, вели еден жител на Тетово.

Еколошкото дрво беше поставено во 2017 година, но за неколку месеци во неколку наврати голем дел од садниците беа откорнати и украдени од несовесни граѓани, а останатите се исушија.

Еко дрвото во вредност од 250.000 евра беше поставено од Еко Свест, преку донација од Германија и од неколку домашни фирми.

Од Општина Тетово, велат дека во контакт се со еколошкото здружение, за да се сервисира дрвото и повторно да „заживее“.

„Еко дрвото беше поставено преку Еко Свест. Јас сум во комуникација со нив, да видиме ако може да се сервисира и да се пушти пак во употреба, оти жалосно е да пропадне, го расчистува воздухот и доста скапо беше платено, истакна Томислав Јоргушевски од Општинскиот инспекторат за екологија.

Зелениот билборд наречен Градско дрво е вертикална конструкција направена од мов, висок е 4 метри, а широк 3 метри и со длабочина од 60 сантиметри.Преку мовта на дрвото засадено во садниците се расчистува воздухот, односно мовта ги апсорбира штетните честички од воздухот.Еко дрвото има ефект како 275 засадени дрвја, и може да го компензира загадувањето од 417 автомобили.Овие зелени билборди се веќе поставени во поголемите градови низ светот како што Берлин, Дрезден, Париз, Осло, Хонг Конг.

И додека се чекаат активности за еко дрвото да „заживее“ во пракса не се гледаат активности за намалување на аерозагадувањето, кое веќе започнува да ги надминува дозволените граници, а концетрацијата на „ПМ 10“ честичките, ќе биде уште поголема со доаѓањето на зимата.

Од Општинскиот инспекторат, велат дека вршат контроли, но во последниве неколку месеци немаат изречено казни. Во разговори се со приватни компании да постават повеќе мобилни станици во градот, се со цел да се добие пореална слика во кој дел од градот е најголемо аерозагадувањето.

„Сега започнавме со засилени контроли,сега на ред се погоните каде се прави мебел. Изминатиов период немало казни за загадување на воздухот.Ова се наши редовни контроли. Пред се ги контролираме елаборатите, дали има некои измени во погоните, ако нешто ни е сомнително им давамо налози да вршат мерења на квалитетот на воздухот.Има еден проект за поставување на мобилни станици, кои би било добро да се постават на повеќе локации низ градот. Така би имале реална слика за аерозагадувањето, таму во тој реон каде е најзагадено, таму ние како инспекторат би ги засилиле контролите“, изјави Томислав Јоргушевски од Општинскиот инспекторат за екологија.

Инаку Тетово речиси секоја зима во одредени денови е на врвот заедно со најзагадените градови во светот, со ПМ 10 честички кои се и за 15 пати повисоки од дозволените граници.

Но, на терен не се преземаат сериозни чекори за изворите на аерозагадување. Сообраќајнит хаос и натаму е присутен, висококатниците кои ја попречуваат нормалната циркулација на воздухот и натаму се градат на големо, а хигиената е на многу ниско ниво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот