Поплави во Кичево/Фото: Скриншот

Најкритично со поплавите е во Форино и во Кичево

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), во координација со локалните власти и населението, цела ноќ беше на терен, а продолжи  и утрово со интервенции по пријавите за поплави и излевање на реките низ Македонија.

Во Скопскиот Регион, седум тимови на ДЗС дејствуваа во општина Сарај, особено во селата Буковиќ и Семениште, каде што беа поплавени над 30 куќи и дворови. Интервенираа и екипи на Општина Сарај, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Активностите беа насочени кон расчистување на зафатените подрачја и испумпување на водата, со цел постепена нормализација на состојбата.

Во Кумановскиот Регион, реката Слупчанка се излеа во село Опае, зафатувајќи дел од населбата, додека во село Оризаре беа поплавени земјоделски површини. Засега нема пријавени материјални штети на куќи или објекти, а штетите се ограничени на обработливо земјиште.

„Нашите тимови континуирано дејствуваат на терен, ги следиме пријавите преку 112 и координираме со сите субјекти од ЦУК за брза и ефективна реакција. Евакуацијата на загрозените лица, како и испумпувањето на водата, се наши приоритети, особено во Кичево и околните населени места“, информираат од ДЗС.

Во Тетовскиот Регион, интензивните врнежи предизвикаа проблеми со одводните канали и свлечишта на патните правци Тетово – Џепчиште и Тетово – Попова Шапка. Патот кон Џепчиште останува затворен за сообраќај, додека делницата кон Једуарце е расчистена и повторно проодна. На некои делници воведена е забрана за тешки товарни возила и автобуси. Снабдувањето со струја и вода е стабилно, а засега нема опасност од излевање на поголеми водотеци.

Во Полошкиот Регион, во Гостивар, екипи на противпожарната служба интервенирале во текот на целата ноќ поради обилните врнежи од дожд и поплавувањата. Најкритична состојба е регистрирана во селото Форино кое е најпогодено од поплавите. Поплавени се и земјоделски површини во селата Чајле, Турчане, Врапчиште и Беловиште.

Во Југозападниот Регион, во Кичево, на улица Прилепска е регистрирано најголемо поплавување на куќи и евакуирани се 220 лица кои се сместени во спортската сала Христо Узунов. Заезерувања има и на улица 29 Ноември во населбата Подварош каде се поплавени подруми во повеќе куќи. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево. Организирана е достава на храна и вода за загрозените лица со поддршка на Црвен крст, а на терен активно работат екипи од полицијата, комуналното претпријатие и противпожарната служба.

ВИДЕО | Поплави во Кичево, реки течат низ улиците, општината организира времено сместување на поплавените од „Прилепска“

Во Југоисточниот Регион, во Струмица, засега нема пријавени штети од врнежите од дожд. Пријавен е одрон кај селото Суви Лаки кон Берово и за истиот се известени надлежните служби.

Во Источниот Регион, во Пробиштип, регистриран е прекин во снабдувањето со електрична енергија во селата Долни и Горни Стубол и екипи на ЕВН работат на отстранување на дефектот.

Од УХМР утрово предупредуваат дека и натаму има опасност од излевање на реките Вардар и Треска.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот