Едноставен тест со кој можете да ја проверите состојбата на белите дробови

бели дробови
Фото: Профимедиа

Хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ) е тивка „прикрадувачка“ воспалителна болест на белите дробови и на белодробниот паренхим, која предизвикува опструкција на струењето на воздухот, а ја предизвикува долготрајното пушење (активно или пасивно) или вдишувањето загаден воздух како од природата така и во затворен простор.

Симптомите се појавуваат постепено, како кашлица, искашлување и краток здив, на почетокот при напор, а подоцна и во мирување.

Мини тест – Дали боледувате од ХОББ

– Дали кашлате честопати на ден?

– Кога кашлате, дали често искашлувате слуз?

– Дали останувате без здив побрзо од своите врсници?

– Дали сте постари од 40 години?

– Дали сте активен или поранешен пушач?

Доколку одговоривте со „да“ на три и повеќе прашања, потребно е веднаш да се посоветувате со лекар, кој ќе ве упати на спирометрија, односно испитување на белодробната функција.

Не постои лек…

Прогресијата на болеста може да се забави ако навреме се открие, адекватно се лекува и ако целосно се исфрли пушењето од секојдневниот живот, односно се намали или елиминира изложеноста на загаден воздух.

Во моментот не постои лек за ХОББ, туку само лекови што ги олеснуваат тегобите и го забавуваат напредувањето на болеста, додека во најтешката фаза на болеста, квалитетот на живот е многу низок поради зависноста на болниот од кислород што го добива на маска.

Поради природата на болеста, потребно е пациентот строго да се придржува на лекарските упатства за да се забави прогресијата на болеста, да се избегне болничкото лекување и терапијата со кислород, односно што подолго да се продолжи квалитетот на живот на болниот.

Совет на пациентите

Важно е да се потенцира важноста на редовното и правилно земање на лековите во форма на пумпа, правилниот начин на дишење и искашлување, што резултира со воспоставување задоволителен квалитет на животот.

Да се воспостави одредена физичка активност во однос на спортување или некоја друга форма на рекреација за подобрување на мускулната маса и за подобро поднесување на напорот.

Промените во животните навики се потребни веднаш штом се постави дијагнозата и тие мора да бидат брзи и ефикасни. Најважно е веднаш да престанете да пушите затоа што пушењето предизвикува 75 отсто од сите опструктивни белодробни заболувања, а секоја година 2,9 милиони луѓе умираат од последиците на ХОББ!

Состојките на никотинскиот чад го ослабнуваат имунитетот, ги забавуваат трепките на слузницата на респираторниот систем па отровите подолго се задржуваат во дишниот систем, а ослабениот имунитет е одговорен за зголемената чувствителност на пушачите и пациентите со ХОББ на сите респираторни инфекции.

Затоа, многу е важно заштита со често и темелно миење на рацете, важно е да се избегнуваат блиски средби со лица кои имаат настинка или грип и секоја година во есен задолжително да се вакцинираат за грип и пневмонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот