Еден од најлуксузните брендови на парфеми е продаден за 4 милијарди евра: Еве кој е купувачот
Склучена е една од најголемите зделки во индустријата за убавина во 2025 година. „Керинг“ (Kering) го продава својот бизнис за убавина на „Лореал“ (L’Oréal) за 4 милијарди евра.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Францускиот луксузен конгломерат „Керинг“, сопственик на модната куќа „Гучи“, го продаде својот оддел за убавина на „Лореал“ за 3,5 милијарди фунти (околу 4 милијарди евра), во време кога новиот извршен директор се обидува да го оживее бизнисот на групацијата, пренесува „Ројтерс“.
Акциите на „Керинг“ пораснаа откако објавија дека го продаваат луксузниот бренд на парфеми „Крид“, чии шишенца парфем можат да чинат до 350 фунти. Според договорот, францускиот козметички гигант „Лореал“ ќе ја купи линијата мириси „Крид“ на „Керинг“, која поранешниот извршен директор Франсоа-Анри Пино ја купи во 2023 година за 3,5 милијарди евра, како и ексклузивни права за развој на парфеми и козметички производи во период од 50 години под модните етикети на „Керинг“, вклучувајќи ги „Ботега Венета“ и „Баленсијага“.
Ексклузивниот 50-годишен договор за лиценцирање ќе стапи на сила во 2028 година, по истекот на тековниот договор со „Коти“, кој моментално ги произведува парфемите „Гучи Флора“ – познати низ целиот свет по кампањата со Мајли Сајрус.
Со ова преземање, „Лореал“ дополнително го зајакнува своето луксузно портфолио, кое веќе ги вклучува брендовите „Армани“, „Ив Сен Лоран“, „Валентино“, „Гарние“, „Мејбелин“ и „Еси“.
Продажбата доаѓа во време кога Лука де Мео, новиот извршен директор на „Керинг“, се обидува да го оживее бизнисот на групацијата, кој се соочува со пад на побарувачката за луксузни стоки. Компанијата забележа пад на продажбата од 16 отсто во првата половина од 2025 година на околу 7,48 милијарди евра, главно поради намалената потрошувачка во САД и Кина.
Де Мео планира да ја фокусира својата стратегија на облека и додатоци, а продажбата на одделот за убавина на „Лореал“ ќе помогне во намалувањето на долгот, кој достигна 9,5 милијарди евра во јуни.
„Керинг“ го купи луксузниот бренд „Крид“, чии корени датираат од лондонска кројачка работилница основана во 1760 година, во 2023 година за 3,45 милијарди евра.
Аналитичарите во Бернштајн ја опишаа продажбата како „горчливо-слатка, но неопходна одлука“. Акциите на „Керинг“ пораснаа за три отсто по објавата, додека акциите на „Лореал“ пораснаа за 0,5 отсто.
Во меѓувреме, трговците на мало бележат рекорден раст на продажбата на парфеми, а луксузните мириси се сè попопуларни меѓу помладите генерации. „Џон Луис“ објави дека генерацијата Зет сè повеќе инвестира во скапи парфеми , потврдувајќи дека пазарот на мириси – и покрај кризата со луксузот – е во полн ек.


