Две пријави и ниту една казна за злоупотреба на службени возила
Владата нема податоци за тоа колку вкупно државни пари се потрошени за боењето на регистерските таблици, но за нив тоа е симболичен износ во однос на вредноста и јавната доверба што ја вовеле.
Само две пријави за злоупотреба на службени возила за време на изборната кампања стигнале до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), а повеќе од половина од институциите не пријавиле службени возила. За двете пријави постапувањето е во тек, додека за институциите кои не пријавиле повеќе од 2.000 службени возила нема никаква казна.
Препорачано
Државната комисија направи регистер за тоа колку службени возила има во државата, колку се пријавени и колку институции не ги пријавиле. Службата за општи и заеднички работи ги обележа регистерските таблици во „црвено-жолта“ боја, но и Правилникот за користење службени возила не предвиде казни за оние што би ги злоупотребиле возилата за партиски цели.
И овој изборен циклус ќе помине без глоби за злоупотреби за институциите на државно и локално ниво кои нема да ги пријават службените возила, со модел и регистрација во Државната комисијата за спречување на корупцијата, бидејќи ниту во Изборниот законик, ниту во Законот за спречување на судир на интереси не се предвидени санкции за несовесните институции.
– Државната комисија за спречување на корупцијата, од денот на распишувањето на локалните избори 2025 година оформи два предмета по доставени пријави со наводи за користење службени возила за потребите на изборната кампања. Постапувањето по двете пријави е во тек. Според податоците на Централниот регистар, oбврска да достават податоци за службени возила имаа вкупно 1.514 институции, од кои 635 институции до Државната комисија за спречување на корупцијата доставија податоци за службените возила со кои располагаат, додека 879 не доставија. Од 635 институции кои доставија податоци, 403 институции тоа го сторија во законскиот рок, додека 232 институции податоците ги доставија по истекот на рокот. Од 879 институциите што не доставија информации, според податоците на МВР констатиравме дека 192 институции располагаат со 2.028 возила, но не доставиле никакви информации до ДКСК. Ве известуваме дека, и покрај одредбата во член 8-б, став 5 од Изборниот законик, според која доколку субјектите не ги достават бараните податоци, ДКСК е должна да покрене прекршочна постапка во рок од 15 дена по истекот на рокот за доставување на податоците, поради правна празнина во Изборниот законик, каде што не се предвидени прекршочни санкции, ДКСК нема можност да покрене прекршочни постапки по овој основ, за што ДКСК во континуитет укажува за потреба од законски измени – велат од ДКСК за „Слободен печат“.
Влада: Трошоците се ирелевантни
Владата нема податоци за тоа колку вкупно државни пари се потрошени за боењето на регистерските таблици, но за нив тоа е симболичен износ во однос на вредноста и јавната доверба што ја вовеле.
– Во изминатиот изборен период не беше забележан ниту еден случај, ниту пак некој медиум или политичка партија обвини дека службените возила се користат за партиски цели. Тоа покажува дека мерката ја исполни својата цел – да се обезбеди транспарентност и отчетност при користењето на државните ресурси – ни рекоа од Владата.
Наместо глоби, „на тапет“ институциите кои нема да ги пријават службените возила
Од Владата, пак, ги нагласија придобивките од новата практика во однос на службените возила.
– Во однос на трошоците, тие се ирелевантни споредено со придобивките што ги донесе оваа практика. Станува збор за симболичен износ во однос на вредноста на јавната доверба и транспарентноста што ја воведовме. По цели 34 години, оваа Влада направи смел чекор и за првпат ги обележа сите службени возила со специјални таблички. Во моментов не располагаме со вкупна сума на потрошените средства, бидејќи секоја институција самостојно ги покрива трошоците за промената на табличките – велат од Владата за „Слободен печат“.
Антикорупциската комисија оформила вкупно 40 предмети
Во двата круга изборна кампања, Антикорупциската комисија оформила вкупно 40 предмети за сомневања за незаконитости и прекршувања на законските забрани во изборниот процес, а најголем дел од предметите се за сомнеж за незаконски вработувања во време на изборите.
– Од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата оформени се вкупно 40 предмети поврзани со сомневања за незаконитости и прекршувања на законските забрани во изборниот процес, од кои 39 по поднесена пријава и еден по сопствена иницијатива. Најголемиот дел од предметите, односно 19, се однесуваат за вработувања/распоредувања во јавниот сектор во време на изборниот процес. Доколку Државната комисија за спречување на корупцијата, по утврдување на фактичката состојба, ги потврди наводите за прекршување на законските забрани во изборниот процес, за тоа ќе ги извести надлежните органи – велат од ДКСК.


