Наместо глоби, „на тапет“ институциите кои нема да ги пријават службените возила
Кодексот за етичко однесување на членовите на владата и носителите на јавни функции именувани од страна на владата предвидува усна, писмена опомена, а претседателот на владата дури има можност за неисполнување на законските обврски од Кодексот да даде и предлог за разрешување – вели заменик претседателка на Антикорупциската комисија Цвета Ристовска за „Слободен печат“.
Овој изборен циклус нема да има глоби за институциите на државно и локално ниво кои нема да ги пријават службените возила, со модел и регистрација во Државната комисијата за спречување на корупцијата, бидејќи ниту во Изборниот законик, ниту во Законот за спречување на судир на интереси не се предвидени санкции за несовесните институции.
Препорачано
Но, новата заменик претседателка на Антикорупциската комисија Цвета Ристовска најавува иницијативи до надлежните институции да поведат постапка за одговорност на раководните лица кои не ги пријавиле возила. Освен ова, откако ќе соберат податоци, јавно ќе ги објават сите институции кои не ги пријавиле возилата кои може да се злоупотребуваат за политичка кампања.
Иако законски засега нема можност, бидејќи измените на Законот за спречување на корупцијата во кои е предвидена глоба треба да се донесат на крајот на годинава, Ристовска за „Слободен печат“ вели дека има начин како да се санкционираат раководните лица, министрите.
– До секоја институција која е надлежна, на пример, ако болница не доставила податоци за тоа со колку возила располага, надлежен е министерот за здравство, или ако станува збор за министер надлежна е владата, ќе доставиме иницијатива да поведе постапка за одговорност кон раководните лица, директори, министри. Кодексот за етичко однесување на членовите на владата и носителите на јавни функции именувани од страна на владата предвидува усна, писмена опомена, а претседателот на владата дури има можност за неисполнување на законските обврски од Кодексот да даде и предлог за разрешување – вели Ристовска за „Слободен печат“.
Ова се всушност мерките кои може да ги преземе владата во случај функционерите да не го почитуваат Етичкиот кодекс, а кои досега се сведувале само со усна или писмена опомена.
Ристовска објаснува дека ваквите иницијативи не се ништо ново и тие како Комисија во многу предмети каде имало прекршување на Кодексот за етика доставувале иницијативи до владата. На нашето прашање дали имало некакви ефекти од овие иницијативи, односно дали имало одговорност за некој функционер таа не одговори конкретно.
Објасни дека институциите до кои стигнале иницијативи во рок од 90 дена се обврзани да им пратат повратно како постапиле и дека ја имаат буквално целата евиденција како било одговорено на овие иницијативи.
Таа за по изборите најави дека на веб страницата на ДКСК ќе биде објавено како постапиле надлежните институции за овие иницијативи.
Податоците за тоа колку возила и од колку институции се пријавени ќе се знаат деновиве затоа што овие податоци уште се впишуваат во регистарот за службени возила објавен на веб страницата на ДКСК. Бројката е отприлика над 3.000, иако се калкулира со бројка од 6.000 возила кои ги поседуваат институциите, бидејќи овие податоци се од минатата година, од кога се купувале и нови, а имало и расипани.
Антикорупциската комисија побарала од Централниот регистер да им достави колкав е вкупниот број на институции, а од Министерството за внатрешни работи колку службени возила поседуваат институциите. Овие податоци Комисијата треба да ги добие утре или деновиве, да ги вкрсти, а потоа ќе објави кои институции и колку службени возила не пријавиле во законскиот рок.
– Образецот за пријавување институциите го доставуваат до нас, меѓутоа тоа не е софтвер, туку ние рачно ги внесуваме. Досега ги имаме внесено сите институции коишто имаат доставено образец заклучно со 18.08 до 24 часот. Многу битен податок е дека од Централен регистер го бараме бројот на институции кои имаат законска обврска да достават податоци до нас. Беа 1.557, но сигурно има мали промени. Министерството преку софтвер ни проверува колку службени возила имаат институциите, модел и регистарски таблици. Со тоа ние ќе провериме дали податоците им се целосни и точни. Ќе направиме вкрстување и фактички ќе ги објавиме во табела сите институции што не доставиле податоци – вели Ристовска.
Рокот за пријавување беше до 18 август, а владата апелираше да се пријават сите службени возила. Но, повиците и апелот најмалку ги допре министерствата, па од вкупно дваесет, бројката на оние кои доставиле податоци е едноцифрена. Според постоечките закони Комисијата во рок од 15 дена по истекот на рокот за пријавување на службените возила може да поднесе прекршочна пријава до институциите.
Овие податоци што ќе ги добие ДКСК ќе ги користи за тоа и дали од 15 септември сите службени возила ќе бидат обоени, за да не се злоупотребуваат во изборната кампања. Во овој регистер со возила граѓаните ќе може да проверат дали некое државно возило се користело за партиски цели.
На овие локални избори неколку министри се кандидати за градоначалници и покрај тоа што има забрани за злоупотреби на функциите тие суптилно ги користат своите позиции за да им се доближат и да им најават нови проекти на граѓаните во општините каде ќе се кандидираат.
Државната комисија за спречување на корупцијата остана без претседател откако поранешната претседателка Татјана Димитровска беше обвинета и подесе оставка, а Собранието не избра нејзин наследник. Минатата недела за нов заменик – претседател беше избрана Цвета Ристовска.


